Компанијата „Синхрон“, која вгради нервен компјутерски интерфејс во мозокот на Филип О’Киф, вели дека пациентот со болест на нервниот систем, поради која останал парализиран, можел само со размислување да сподели објава на социјалните мрежи.
Шеесет и двегодишен маж од Австралија, кому му е дијагностицирана амиотрофична латерална склероза, болест што предизвикува парализа, сега може да ги сподели своите мисли со другите без да вклучува мускулна активност. Тој сподели објава на социјалните мрежи „користејќи само директна мисла“, објави компанијата „Синхрон“, која му го овозможи тоа.
„Го направив овој твит само размислувајќи за тоа“, гласеше твитот објавен од Филип О’Киф во име на извршниот директор на „Синхрон“, Томас Оксли.
– Првиот твит со директно размислување е создаден безжично од мозокот на О’Киф. По прогресивната парализа предизвикана од АЛС, минатата година нему му беше инсталиран компјутерски интерфејс на мозокот наречен „стентрод“ – наведуваат од компанијата.
Имплантот, дизајниран да им овозможи на пациентите безжично да ги контролираат дигиталните уреди преку мислата, беше вметнат преку југуларна вена за да се избегне пробивање на черепот.
– Сега само размислувам за тоа каде сакам да кликнам на мојот компјутер и можам да испраќам е-пошта, да правам трансакции, да купувам и да испраќам пораки до светот преку Твитер – ги цитира компанијата зборовите или размислувањето на О’Киф.
Според него, „неверојатниот“ систем бара вежбање, исто како и учењето да возите велосипед, но штом го научите, тоа станува природно.
– Филип, и покрај исцрпувачката парализа, сега може да се вклучи во независни активности и повторно да се поврзе со светот – тврдат од „Синхрон“, додавајќи дека планираат дополнително да го развијат својот компјутерски мозочен интерфејс во студијата во САД следната година.