Се чини дека биографските филмови се една од најплодните области и инспирација за многу сценаристи и режисери во последно време. Покрај најавените филмови за Шер и Марија Антоанета, сега доаѓа и најавата за филмот за актерката Одри Хепберн.
Компанијата „Епл“ објави дека на овој филм ќе работи Лука Гвадањино, режисерот на филмот „Викај ме со твоето име“, а насловната улога ќе ја толкува Руни Мара. Руни Мара досега двапати беше номинирана за „оскар“, за улогите во филмовите „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Керол“. Сѐ уште не се знае кој ќе глуми во филмот, ниту кога се планира да започне снимањето или емитувањето.
Заплетот на филмот исто така не е објавен, но можеме само да претпоставиме дека фокусот ќе биде ставен на кариерата на Одри Хепберн, со осврт за тоа како таа стана модна икона и муза на францускиот дизајнер Ибер де Живанши.
Дополнително, веројатно ќе биде истакната нејзината посветеност на хуманитарната работа, односно соработката со УНИЦЕФ за помош на децата во Африка, Јужна Америка и Азија, за што беше наградена со Претседателскиот медал на слободата.
Одри Хепберн е родена во Белгија и е најпозната по улогите во „Појадок кај Тифани“, „Мојата убава дама“, „Смешно лице“, „Сабрина“ и „Празник во Рим“. Пет пати беше номинирана за „оскар“, а го освои и оној за најдобра женска улога во филмот „Празник во Рим“.