Шестгодишната истрага на холандските власти за предавството на Ана Франк го идентификува осомничениот за смртта на една од најпознатите еврејски жртви на холокаустот. Нејзиното засолниште го открил еврејскиот нотар Арнолд ван дер Берг, според тврдењето на тимот во кој се наоѓале пензионираниот агент на американското Федерално истражно биро (Еф-би-ај), Винсент Панкок, и околу 20 историчари, криминолози и стручњаци за анализа на податоци, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
По повеќе од 75 години откако нацистите упаднале во нејзиното засолниште во Амстердам, истражувачите заклучиле дека „најверојатно“ Ван ден Берг го предал семејството Франк за да го спаси сопственото семејство, изјавил членот на истражувачкиот тим Питер ван Твиск. Како што е соопштено, обидот за идентификација на предавникот немал цел да доведе до кривично гонење, туку да реши една од најголемите неразјаснети мистерии во Холандија во текот на Втората светска војна. Користејќи техники за анализа на големо количество податоци, составена е главна база со листи на нацистички соработници, шпиони, историски документи, полициска евиденција и претходни истражувања, за да се откријат нови траги. Десетици сценарија и локации на осомничени се визуализирани на мапата за да се идентификува предавникот, врз основа на сознанијата за местото на криење и мотивот.
Нацистите ја пронашле Ана на 4 август 1944 година, по две години криење.
Мип Гис, една од помагачите на ова семејство, го чувала дневникот на Ана на безбедно место, сѐ додека таткото на девојчето, Ото, не го објавил во 1947 година, две години откако Ана починала во логорот „Берген Балсен“, на 15 години. Нејзиниот дневник го прочитале милиони читатели низ светот и е преведен на 60 јазици.