Не е тајна дека спиењето игра голема улога во нашето целокупно здравје, но кога станува збор за одржување на здрава тежина, колку сон всушност ни е потребно? Во новата студија, претставена на Европскиот конгрес за дебелина, научниците се доближија до одговорот на ова прашање. За оваа студија, нешто помалку од 200 дебели возрасни луѓе добија инструкции да се придржуваат до строга диета осум недели. Учесниците изгубиле во просек 12 отсто од својата телесна тежина, пишува „Мајн боди грин“.
Тимот што ја спроведе оваа студија сакаше да открие како различни фактори ќе влијаат на одржувањето на губењето тежина во текот на годината. Беа измерени и навиките за спиење на учесниците, како и квалитетот на сонот.
Врз основа на наодите од оваа студија, се чини дека доволно квалитетен сон може да биде од голема помош кога станува збор за одржувањето здрава тежина, а дополнително вежбањето го подобрува сонот. Не само што времетраењето на спиењето и квалитетот на сонот се зголемија кај сите учесници по нивниот првичен план за исхрана од осум недели туку и поединците што вежбаа во текот на студијата можеа да го одржат тој подобрен сон, додека оние што не вежбаа не успеаја да го направат тоа.
Дополнително, оние што во просек спиеле помалку од шест часа навечер и оние што пријавиле лош квалитет на спиењето забележале зголемување на индексот на телесната маса (БМИ) во текот на годината.
Како што објаснува коавторот на студијата Адријан Бог, било изненадувачки да се види како губењето на тежината кај возрасните ги подобрува времетраењето и квалитетот на спиењето за толку кратко време и како вежбањето за одржување здрава тежина го подобрува квалитетот на сонот.
Исто така, коавторот на студијата додава дека е интригантно тоа што возрасните што не спијат доволно или имаат лош квалитет на спиење, по губењето на тежината, изгледаат помалку успешно во одржувањето на слабеењето од оние со доволно квалитетен сон.