Занимливости

„Осеберг“ е еден од најдобро зачуваните бродови од ерата на викинзите. Истражувањата покажаа дека бродот потекнува од втората половина на деветтиот век, некои делови од неговата структура потекнуваат од почетокот на споменатиот век, а некои други елементи можеби се уште постари.
Во периодот 1904-1905 година, шведскиот археолог Густафсон и норвешкиот археолог Шетелинг го откопале бродот, кој бил составен дел од голема викиншка гробница. Покрај бродот биле откриени и голем број богати погребни предмети и скелети на две жени. Гробот бил ограбен, веројатно уште во средникот век, поради што недостигаат предметите од благородни метали. Меѓутоа, пронајдени се голем број секојдневни предмети и артефакти.
Меѓу нив се четири украсени санки, богато украсена дрвена запрежна кола, столбови за кревет, дрвени ковчези и т.н. кофа на Буда, која е изработена од месинг. Пронајдени се и повеќе секојдневни предмети, како што се земјоделски и домашни орудија. Покрај артефактите се пронајдени ткаенини, како што се волнена облека, свила и таписерија. Дрвената запрежна кола е единствената целосна што досега е пронајдена од викиншката ера, а ткаенините се едни од ретките примери од овој период. На бродот биле пронајдени и скелетни остатоци од четиринаесет коњи, вол и три кучиња.


Научниците веруваат дека едниот скелет ѝ припаѓа на жена што имала околу осумдесет години и страдала од артритис. Во минатото се верувало дека другиот скелет ѝ припаѓал на жена што била на возраст од околу триесет години, меѓутоа новите истражувања покажуваат дека била на возраст од педесет години.
Раскошноста на погребните предмети и бродот укажуваат дека една од личностите што биле закопани имала висок статус во викиншкото општество. Едната жена имала фин црвен волнен фустан и фин бел ленен превез. Некои од истражувачите веруваат дека бродот и другите погребни предмети ѝ припаѓале на кралицата Аса, мајка на Халфад Црниот и баба на Харалд Ферхер.
Бродот е изграден исклучиво од дабово дрво. Неговата должина изнесува 21,58 метар, со широчина од 5,10 метри, а со јарболот неговата висина е околу 10 метри. Површината на едрото изнесува 90 квадратни метри, а истражувачите веруваат дека можел да постигне брзина од десет јазли. Бродот имал петнаесет отвори за весла и железно сидро. Лакот на крмата е детално украсен со сложени резби, кои се карактеристични по стилот што е познат како ѕверот што лови.


Викинзи – пирати од средниот век

Викинзите го населувале Скандинавскиот Полуостров и во периодот помеѓу осмиот и единаесеттиот век низ поголемиот дел на Европа вршеле грабежи, пиратски напади. Биле вешти морепловци и трговци, кои со своите бродови тргувале во Средоземно Море, Северна Африка, Блискиот Исток. Истражувањата покажаа дека викинзите пристигнеле во Северна Америка неколку века пред Кристофер Колумбо.
Со освоите долги бродови успеале да пристигнат и да основаат колонии на бреговите на Британските Острови, Ирска, Исланд, Гренланд, Нормандија, Балтикот, по течението на реките Днепар и Волга. Некои од викинзите патувале до Константинопол (Истанбул), Персија (Иран) и Арабија.