Растението силфион било толку вредно што Јулиј Цезар оставил повеќе од половина тон од ова растение во својата ризница. Меѓутоа, ова растение изумрело во времето на императорот Нерон (54-68 н.е.), а денес не знаеме какво било, каков вкус имало или како изгледало. Научниците сега веруваат дека станува збор за првата позната жртва на климатските промени и дека тоа е предупредување за можноста да се загубат растенијата што се одгледуваат денес.
Се верува дека силфионот припаѓа на групата растенија ферула, чии модерни алтернативи би можеле да бидат анасон и асафетида. Тоа било грмушка што растела во дивината на појас на земјиште широк помалку од 50 километри и долг околу 200 километри во областа Киренаика во денешна Либија. Старите Грци што се населиле во оваа област околу 630 година пр. н.е. со векови се обидувале да го одгледуваат ова растение на други територии, но не успеале.
Херодот, Теофраст и Плиниј Постариот напишале многу за силфионот и опишале дека може да се користи како лек по каснување од куче или змија. Напишале и дека се користел како форма на контрацепција, но бил пофален и како зеленчук, пренесува „Гардијан“.
Владетелите на Киренаика се обидувале да утврдат колку силфион може да соберат и затоа ја оградиле областа каде што растел. За научниците ова е показател дека тогашните жители знаеле дека приносот на растението се намалува и се труделе да го зачуваат.
Исчезнувањето на растението, всушност, било последица на неговата популарност. Извозот на ова растение носел богатство, што довело до прилив на население. Новото население ја уништувало околината за да направи куќи. Уништувањето на шумите ги променило обрасците на дождовите и предизвикало лизгање на земјиштето во областа каде што растел силфионот.
Научниците денес предупредуваат дека човештвото користи меѓу десет и 12 растенија за поголемиот дел од својата исхрана и дека климатските промени може да бидат фатални за нивното одгледување.