Ветерна турбина која е неактивна кога нема ветер или брзо се врти кога побарувачката за електрична енергија е веќе исполнета, е проблем за обновливите извори на енергија, а истражувачите веруваат дека може да се реши – под морето, пренесува „Ал Џезира“.

Според нив, морските фарми со ветерници би можеле да ја користат морската вода за складирање на енергија кога не е потребна, помагајќи му на човештвото повеќе да не се потпира на фосилни горива.

– Дојдовме до решение кое го нарекуваме „океанска батерија“ – изјави Фритс Блиек, извршен директор на холандската стартап-компанија „Оушн Грејзер“, додека го демонстрираше системот на саемот за технологија во Лас Вегас, САД.

Со напуштање на енергетските извори кои ја загреваат климата, како што е јагленот, складирањето на зелена енергија е клучно, велат експертите, а тоа е затоа што природата не секогаш испорачува ветер или сонце во моментот кога струјата е најмногу барана.

„Океанската батерија“ која ја демонстрираше Блиек се потпира на огромни флексибилни меури на морското дно, кои ветерниот парк го полнат со морска вода.

Кога е потребна електрична енергија, притисокот на океанот ја турка водата низ системот на морското дно што вклучува турбини – а резултатот е електрична енергија.
Клучното прашање поврзано со енергијата е цената, а системите за складирање кои вклучуваат некаков вид на батерија, не само што се многу скапи, туку се изложени и на ризик од истекување и контаминација во океанската средина.

Системи зависни од притисок, веќе се користат во хидроцентралите кои пумпаат вода во резервоарот зад браната кога побарувачката на електрична енергија опаѓа, ефикасно складирајќи ја назад преку погонските турбини.

Што се однесува до подводната верзија на овој тип на складиште, „Оушн Грејзер“ не е сам во обидот да го направи тоа.

„Фласк“ (Flasc) подружница на Универзитетот во Малта, има систем кој користи обновлива електрична енергија за да пумпа вода во комора која содржи воздух под притисок, која потоа може да работи со хидраулична турбина за производство на енергија.

Друга иницијатива, наречена „Складирана енергија во морето“, користи шупливи бетонски топчиња изложени на длабок притисок на океанот и беше тестирана во 2016 година.

Блиек, извршен директор на „Оушн Грејзер“, рече дека подморничките системи го користат притисокот на океанското дно кој што е слободен додека создаваат систем, што тој рече дека е околу 80 проценти ефикасен во складирањето енергија.

– Системите за складирање се клучни за обновливите извори на енергија, кои процветаа со падот на цените за производство на таква енергија, што ги прави континуирано растечки дел од енергетската кошница ширум светот – смета Блиек.

Според непрофитниот „Центар за климатски и енергетски решенија“, обновливите извори на енергија се најбрзо растечки извор во САД, со зголемување од 42 отсто од 2010 до 2020 година.

Сепак, за имплементацијата на системи како што се океанските батерии во електроенергетските системи потребни се години. Според Блиек, неговата компанија има за цел да воспостави крајбрежен систем до 2025 година, а еден ќе биде поставен на брегот во северна Холандија до 2023 година.

– Со оглед на тоа што ветерот и сонцето сега стануваат дел од енергетската мрежа – што во основа ни овозможува да се ослободиме од фосилните горива – ова е многу возбудливо во овој контекст – рече Клаудио Канизарес, професор по инженерство и експерт за обновливи извори на Универзитетот во Ватерло во Канада.