Морските истражувачи от­кри­ја огромен корален гребен во близината на Тахити, кој е во совршена состојба. Станува збор за гребен долг три километри, кој се наоѓа на длабочина од 30 метри. Тоа е еден од најголемите корални гребени откриени на оваа длабочина, соопшти Организацијата за образование, наука и култура на ОН.
Истражувачот на УНЕСКО, Џулијан Барбиер, вели дека веројатно има уште многу такви екосистеми за кои човекот сè уште не знае. Тој смета дека треба да се мапираат и потоа да се заштитат.
Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај, истакна дека ова е фантастично откритие што го проширува знаењето за морското дно. Гребенот беше пронајден во ноември, за време на нуркачка експедиција. Францускиот подводен фотограф Алексис Розенфелд изјави дека е „магично да се биде сведок на огромен прекрасен корал што се протега до каде што може да види окото“.
Коралните гребени се меѓу најзагрозените океански екосистеми, тие се чувствителни на загадување, зголемување на температурата на океанот и промени во неговиот хемиски состав предизвикани од емисијата на јаглерод диоксид, кој се разложува во водата.
Професорот Мареј Робертс од Универзитетот во Единбург вели дека откритието укажува на фактот дека човекот има уште многу да научи за океанот. Следната фаза е детална анализа на гребенот, за да се утврди кои видови живеат околу него. На гребенот од овој тип му требаат 25 години за да се развие до оваа големина.