Годинешното доделување на наградите „греми“ ќе биде одложено, но не е одреден нов датум за церемонијата кога публиката треба да им оддаде почит на најдобрите музички изведувачи.
– По внимателно разгледување и консултации со градските и државните власти, експертите за здравје и безбедност, уметниците и нашите многубројни партнери, Академијата за снимање и „Си-би-ес“ одлучија да ја одложат годинешната церемонија на доделување награди – се вели во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на наградите „греми“.
Притоа се наведува и дека здравјето и безбедноста на сите вработени се апсолутен приоритет, а со оглед на појавата на сојот омикрон, сега е премногу ризично одржувањето на церемонијата, која требаше да биде на 31 јануари. Засега нема нов датум, а познато е дека Тревор Ноа и оваа година требаше да биде домаќин.
Интересно, воведени се и некои промени – четирите најголеми категории, за песна на годината, видео на годината, албум на годината и најдобар изведувач на годината, сега имаат по десет номинации наместо по осум.