Претставничката на Грција/Фото: ЕБУ

Финалисти на „Евровизија 2022“ се Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија. Така одлучија гласовите од телефонското јавување и од жирито во однос 50:50 на вчерашната прва полуфинална вечер, што се одржа во халата „Пала Олимпико“ во Торино, Италија.

Евровисиката сцена синоќа блесна во полн сјај, што се однесува до сценографијата и визулените ефекти, иако повеќето од песните звучеа многу старомодно, а за неколку е вистинско чудо како воопшто се дел до овој фестивал. Очекувано најголеми реакции имаше за претставниците на Украина, „Калуш оркестра“ кои добија и најголем аплауз, особено кога јавно на сите им се заблагодарија за поддршката во овие тешки денови за нивната земја. Воедно тие со песната „Стефанија“, која им ја посветија на сите мајки во Украина, важат и за фаворити за победа на овој избор, кој од самото основање не може да избега од дневната политика.

Водителите Лаура Паузини, Мика и Алесандро беа на висина на задачата. Во паузата за гласање настапи италијанскиот популарен пејач Диодато. Според најавите вистински спектакл не очекува на финалето, кога ќе ги слушнеме и ланските победници, рок групата „Манескин“ и други италијански и светски ѕвезди.

Настанот го организира италијанската национална телевизија – РАИ, со помош на Европската радио дуфузна унија – ЕБУ. Како и вчеравечер, МРТ на Првата програма ќе врши директен пренос, а коментатор за телевизиските гледачи и за слушателите на Македонското радио е Ели Танасковска.

Утревечер е второ полуфинале кога настапува и нашата Андреа Коевска, со песната „Circles“ на Александар Масевски, која ќе пее единаесета. Според нашата евровизиска делегација, по инцидентот со знамето и јавното извинување за несмасниот гест, таа собра сили најдобро што може да ја претстави Македонија, на 66-то евровизиско издание.

Освен Македонија, утре на евровизиската сцена ќе застанат и претставниците на: Србија, која исто така е меѓу фаворитите за висок пласман и на Финска, Израел, Азербејџан, Грузија, Малта, Сан Марино, Австралија, Кипар, Ирска, Естонија, Романија, Полска, Црна Гора, Белгија, Шведска и Чешка.

Големото евровизиско финале е во сабота на 14 мај, кога ќе се претстават и пејачите од земјите на големата „петорка“, Велика Британија, Шпанија, Гранција, Англија и Италија. М.Т.