Од недела, 20 март, на програмата на телевизијата Телма, со почеток во 14.30 часот, ќе почне да се прикажува емисијата „Нешто конкретно“. Водителка на проектот е Снеже Велков, која непосредно, по малку провокативно, но и аргументирано, ќе ги води гостите низ секојдневните теми за кои вреди да се дискутира, но ретко се ставаат на маса.
Најчесто ќе дискутираме за машко-женските односи, проблеми и дилеми, но и за сите теми што заслужуваат внимание. „Нешто конкретно“ не е типично и не е класично ток-шоу, туку ќе биде опуштено разговарање, како дома, но истовремено и сериозно, како во институција, непосредно и блиско, со неверојатно позитивна енергија и многу духовити коментари. Омиленото неделно попладне на гледачите отсега ќе добие друга димензија. На гости доаѓаат познати личности, анонимни стручњаци, квалитетни коментатори, подзаборавени фаци и млади таленти – ни откри Снеже Велков.
Меѓу темите за кои ќе се дискутира се: треба ли да се врати воениот рок во земјата, кој е посилниот пол, зошто маж со 35 години е посакуван ерген, а жена над 35 веќе не е толку посакувана, постојат ли вистински мажи и како треба да изгледаат тие, како се доживува моментот кога ПМС доаѓа во посета на секое семејство, дали и како облеката го прави човекот, има ли втора шанса зa прв брак.