Наскоро доаѓа серијал посветен на еден од највлијателните бендови во историјата, кој е заслужен за започнувањето на панк-движењето во Велика Британија, „Секс Пистолс“.
Станува збор за серија чиј креатор и сценарист е Крег Пирс, а режијата е на оскаровецот Дени Бојл. „Пистол“ ќе има шест епизоди засновани на мемоарите на Стив Џонс, гитаристот на бендот, со наслов „Осамено момче: Приказна за ’Секс Пистолс‘“. Заплетот е за „рокенрол-револуцијата“, чиешто јадро е овој бенд, а низ која нѐ води гласот на Џонс. Тоа е приказна за деца од работнички семејства, без иднина и перспектива, кои го потресоа гнилиот естаблишмент и засекогаш ги променија музиката и поп-културата.
Има многу млади актери во актерската екипа – Тоби Волас како Стив Џонс, Џејкоб Слејтер како Пол Кук, Енсон Бун како Џон Лидон, Кристијан Лис како Глен Метлок, Луис Патриџ како Сид Виз, Сидни Чендлер како Криси Хинд, Талула Рајли како Вивиен Вествуд, Мејси Вилијамс како Џордан, Ема Еплтон како Ненси Спанџен и Томас Броди-Сангстер како Малколм Мекларен.
Серијата би требало да се занимава со сите клучни моменти за овој бенд, а се надеваме дека Дени Бојл подготви уште едно уживање за сите обожаватели. „Пистол“ ќе дебитира на стриминг-платформата „Дизни +“ на 31 мај.