Во Македонската опера и балет на 15 март 2019 (петок) со почеток во 20.00 часот ќе биде изведена оперската претстава „Риголето“, едно од најголемите и најсилни оперски ремек-дела на таткото на операта – великанот Џузепе Верди.

„Риголето“ на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…

Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и (“La Donna è mobile”), и на воопшто, убавата мелодиска структура.

Диригент е Бисера Чадловска, режисер Нина Најденова (Бугарија), сценограф Живојин Трајановиќ, костимограф е Марија Пупучевска, а кореографи се Саша Евтимова и Киро Павлов.

Настапуваат: Ристе Велков, Наде Талевска, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Ирена Кавкалевска, Ернес Ибраимовски, Диме Петров, Катерина Стојановска, Драган Ампов, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Десанка Глигоријевиќ, Димитар Кожухаров.