Oбединувањето на популарната серија „Пријатели“ се одложува

36

„Ејч-би-о макс“ повторно одлучи да го одложи снимањето на новата епизода на „Пријатели“, наведувајќи го фактот што пандемијата на коронавирусот сè уште не се смирува како главна причина. Новата епизода првично требаше да биде снимена во студио пред публика, исто како и претходните десет сезони од серијата. Но плановите на продуцентите беа нарушени со појавата и ширењето на коронавирусот, поради што тие решија да чекаат посоодветна клима за снимање.
– Се надеваме дека ќе можеме да започнеме со снимање до крајот на ова лето. Мислам дека вреди да се почека ситуацијата да се подобри, затоа што е важно да има голема и бучна публика на сетот што ќе го следи повторното обединување на овие шест пријатели – објаснија продуцентите во мај годинава.

Но се чини дека навивачите на њујоршката шесторка сепак ќе треба да почекаат малку подолго, пишува „Вераети“.
„Пријатели“ е меѓу најгледаните ТВ-серии во светот веќе 25 години, а нивната популарност не опаѓа, што се потврдува со фактот дека тие се меѓу најгледаните серии на „Нетфликс“.
– Во новата специјална епизода, на воодушевување на обожавателите, ќе се појават сите шест актери од оригиналната екипа, а наскоро ќе бидат објавени датумите на снимањето на новата епизода – ветија од „Ејч-би-о“.