Култни серии, најнови филмови и класици, реални шоуа и детски содржини ја сочинуваат новата стриминг-платформа „Ејч-би-о макс“, која е достапна и во Македонија. За првпат на едно место се обединети содржините од „Ејч-би-о“, „Варнер Брос“, „Ди-си“, „Картун нетворк“, „Макс оригиналс“, како и од други студија. Во продолжение претставуваме 10 нови серии од понудата на „Ејч-би-о макс“.

„Трикови“, повеќекратно наградувана хумористична серија, истражува мрачно менторство што се формира помеѓу Дебора Венс, легендарна комичарка од Лас Вегас, и една 25-годишна девојка. Во главната улога е Џин Смарт, која за оваа серија освои награда „еми“, а во другите улоги настапуваат Хана Ајнбиндер и Карл Клемонс Хопкинс.

„Време за победи“: Подемот на династијата на Лејкерс“ е динамична серија што ги следи професионалните и личните животи на играчите на ЛА Лејкерс во 1980-тите, една од најпочитуваните и најдоминантни династии во спортот. Во серијата го гледаме тимот што го обележи тоа време на теренот и надвор од него. Во главните улоги настапуваат: Џон С. Рајли, Џејсон Кларк, Адриан Броди, Квинси Исаја, Сали Филд, Џејсон Сигел и други.

„Миротворец“ ја продолжува приказната за ликот од проширениот ДЦ-универзум, кој Џон Сина го игра одново по филмот „Одредот на отпишаните: Нова мисија“ од 2021 година. Автор е Џејмс Ган, а во главните улоги се Даниел Брукс, Фреди Строма, Чаквуди Ивуџи, Џенифер Холанд, Стив Аги и Роберт Патрик.

„Создадени за љубов“ е мрачно апсурдна и цинична приказна за љубов и развод заснована на истоимениот роман од 2017 година. Серијата ја следи Хејзел Грин (Кристин Милиоти), триесетгодишна жена што е во бегство по 10 години неподнослив брак со Бајрон Гогол (Били Магнусен), технолошки милијардер што ја контролира. Набрзо таа открива дека нејзиниот маж ѝ вградил направа за следење во нејзиниот мозок, што му дозволува да ја следи на нејзиниот пат да стекне независност.

„Нашето знаме значи смрт“ е нова хумористична серија, која делумно е снимена според вистинските авантури на Стед Бонет, разгален аристократ што го напуштил својот привилегиран живот за да стане пират. Во главните улоги се појавуваат Рис Дарби, Таика Ваитити, Нејтан Фод, Самсон Кајо и Вико Ортиз.

„Станица единаесет“ е приказна за жителите на новиот свет додека одново ги градат културата, општеството и идентитетот по разорувачка пандемија. Додека овие ликови се соочуваат со закани поради новиот начин на живот, тие, сепак, се држат до најдоброто од она што го загубиле. Во оваа наградувана серија настапуваат: Мекензи Дејвис, Химеш Пател, Даниел Зовато, Дејвид Вилмот, Матилда Лолер, Филипин Велге, Набан Ризван и Лори Пети, додека во гостински улоги ќе може да ги видиме Гаел Гарсија Бернал и Даниел Дедвајлер.

„Сексуалниот живот на студентките“ следи четири цимерки што се сместуваат во престижниот колеџ „Есекс“ во Нова Англија. Полни со контрадикции и хормони, овие девојки се истовремено и симпатични и вознемирувачки додека го живеат својот нов, слободен живот на кампусот. Автори на серијата се Минди Кејлинг и Џастин Нобл, а во главните улоги се појавуваат Полин Шаламе, Амрит Каур, Рене Рап и Алја Шанел Скот.

„Кокета“ носи приказна за самопрогласената феминистка Џојс Пригер, која во 1971 година ги здружува силите со второкласниот издавач Даг Ренети за да го создаде првото еротско списание за жени во светот. Во главните улоги настапуваат: Офелија Ловибонд, Џејк Џонсон, Идара Виктор, Џесика Лоу, Ленон Парам, Мајкл Ангарано и Оскар Монтоја.

„Вљубена во ѕвезда“ следи дваесетгодишна миленијалка во Лондон, која се справува со две работни места, како и со чудното расположение и компликациите откако случајно спие со филмска ѕвезда. Во главните улоги ги гледаме Роуз Матафео, Никеш Пател и Ема Сиди.

„Таа пред мене“ е приказна за Џејн, која добива шанса да се всели во прекрасна, ултраминималистичка куќа дизајнирана од енигматичен архитект. Има само една замка: станарите мора да се придржуваат до неговиот список на строги правила. Во серијата ги гледаме Гугу Мгбата Ро, Дејвид Ојелово и Џесика Палмер.