Њујорчанка, која беше подложена на нов ризичен третман, успеа да го победи ХИВ. Жената позната само како „пациентката од Њујорк“ ја завршила својата терапија пред една година, а лекарите сега не можат да најдат траги од ХИВ во нејзиното тело. Во 2013 година ѝ бил дијагностициран ХИВ, а во 2017 година леукемија, се чинело дека нема надеж за неа, но поради таквата ситуација таа била совршен кандидат за редок и исклучително ризичен третман со матични клетки.
Поради високата стапка на смртност, постапката им се нуди само на пациенти инфицирани со ХИВ, кои исто така имаат напреднат карцином и бараат итна интервенција. За да започне лекувањето, лекарите мора да земат крв од папочната врвца и коскената срцевина од дарител со единствена мутација што го прави имун на вирусот. Ова го има само еден процент од населението, главно луѓе од северна Европа.
Крвта од папочната врвца и коскената срцевина се користат во „хаплоидентична трансплантација“, чија цел е борба против ХИВ и ракот. Оваа крв помага во борбата против ракот базиран на крв, додека коскената срцевина обезбедува матични клетки за телото, подобрувајќи ја ефикасноста на третманот.
Пациентката се лекувала пред четири години, а лекарите велат дека нејзиното тело добро реагирало и дека набргу потоа биле забележани позитивни резултати. Ракот е во ремисија, а пред една година успеала да го прекине лекувањето против ХИВ. Оттогаш, секој тест не покажал траги од ХИВ, а лекарите ѝ ги зеле клетките и се обиделе да ги заразат со ХИВ во лабораторија, но не успеале. Во овој момент, „пациентката од Њујорк“ може да се смета за првата жена и четвртата личност излекувана од ХИВ во историјата. Познато е дека две жени претходно природно го победиле вирусот.
Меѓутоа, лекарите не брзаат да ја прослават победата, туку ситуацијата во која се наоѓа пациентката ја нарекуваат „ремисија“. Ќе бидат потребни уште неколку години пред лекарите официјално да прогласат дека жената е излекувана. Сепак, третманот дава повеќе надеж и повеќе опции за иднината.