Компанијата „Нетфликс“ објави дека ќе отпушти уште 300 работници, главно во САД, поради намалување на бројот на претплатници и пораст на конкуренцијата. Оваа бројка од 4 отсто од работната сила на компанијата за стриминг на филмови доаѓа откако во април беше пријавена првата загуба на претплатници по повеќе од деценија, кога отказ добија 150 службеници, пренесува Би-би-си.
Додека продолжуваме интензивно да вложуваме во работата, моравме да го повлечеме овој потег нашите трошоци да бидат во согласност со забавениот раст – соопшти компанијата.
„Нетфликс“ има 220 милиони претплатници низ светот и останува да биде лидер на полето на стриминг-сервисот, но се соочува со жестока конкуренција на компаниите како „Дизни плус“ и „Амазон прајм видео“. Компанијата најави поскапување на услугите во САД, Велика Британија и во други земји, што влијаеше на падот на бројот на претплатници. „Нетфликс“ соопшти дека очекува оти во наредните месеци ќе загуби уште два милиони претплатници.
Еден од извршните директори на компанијата, Тед Сарандос изјави дека се преговара со компаниите за со новите договори за рекламирање „Нетфликс“ да стане подостапен за корисниците, на кои сегашната претплата им е скапа.
– Не уфрламе реклами на „Нетфликс“. Само ја додаваме опцијата за луѓето што велат: „Еј, сакам пониска цена на претплатата и ќе гледам реклами“ – порача Сарандос.