Мариус Бер/Фото: ЕБУ - официјална интернет-страница на „Евровизија“

Како би реагирала Македонија доколку Мариус ја претставуваше на „Евровизија“, на шега се прашуваат љубителите на континенталниот музички избор на социјалните мрежи, откако тој го уништи државното знаме по пласманот со Швајцарија во финалето во Торино.

Кога швајцарскиот изведувач го слушна неговото име при соопштувањето на државите што обезбедија понатамошен пласман на првата полуфинална вечер, тој во неконтролираното радување почна силно да мавта со хартиеното знаме што го држеше во рака, по што кревкиот материјал се распадна.

Гестот на Мариус Бер ја поттикна евровизиската публика да направи споредба со случајот со македонското знаме во Торино, што привлече големо внимание и во Европа, пред и во текот на шоуто во Торино, по бурната реакција во Македонија.

„Андреа го фрла знамето, Македонија вели дека разгледува затворска казна. Во меѓувреме Мариус го испрати кутрото знаме во болница, во кома“, „Мариус фрли едно знаме и удираше друго кога се квалификува понатаму. Не ѝ кажувајте на МРТ“, „Мариус Бер го удира знамето“, „Мариус Бер го фрла знамето, знаејќи дека Италијанците сѐ уште се лутат што Швајцарија ги спречи да се квалификуваат на Светското првенство во фудбал“ – гласат дел од коментарите, со што во еден се забележува оти „на никој во Швајцарија не му било гајле“ за гестот на Мариус, за разлика од реакцијата на Балканот.

Мариус Бер ќе настапи во саботното финале на „Евровизија“ со песната „Boys don’t cry“, додека Андреа не успеа да обезбеди учество на завршната вечер и покрај тоа што привлече големо внимание со непромислениот гест со фрлање на македонското знаме за време на фотосесија во Торино.

Љубители на Евровизија ширум Европа беа изненадени од можноста за повлекување на македонската претставничка Андреа од Евровизија по инцидентот со фрлањето на државното знаме во Торино, според коментарите што ги оставаа на Твитер. Многумина од странците ја бранеа Андреа, a дел од нив и се шегуваа, ублажувајќи го значењето на нејзиниот непромислен гест што наиде на остра осуда во Македонија.

Коевска потоа јавно се извини во два наврата, а Македонската Радио Телевизија (МРТ) ја разгледуваше можноста за повлекување на младата пејачка од Торино, но сепак, одлучи таа да настапи. МРТ соопшти дека дополнително ќе одлучи дали Македонија ќе учествува на „Евровизија“ в година.