Ако сакате црно кафе, тогаш веројатно сакате и темно чоколадо, а новото истражување ја идентификува генетичката основа за овие преференции.
Според научникот Мерилин Корнелис, професорка по превентивна медицина на медицинскиот факултет „Фајнберг“ на универзитетот „Нортвестерн“, оваа генетичка карактеристика може да ви помогне да го одржите доброто здравје, пишува „Си-ен-ен“.
Истражувањата покажаа дека умерените количества црно кафе, помеѓу 3 и 5 шолји дневно, го намалуваат ризикот од одредени болести, вклучувајќи Паркинсонова болест, срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и неколку вида рак. Меѓутоа, овие придобивки веројатно ќе бидат поизразени доколку кафето не содржи млеко, шеќери и други вкусови што обично ги додаваме.
Знаеме дека има сѐ повеќе докази дека консумирањето кафе има корисен ефект врз здравјето. Меѓутоа, читајќи меѓу редови, секој што советува некого да консумира кафе, обично би го советувал да консумира црно кафе, поради разликата помеѓу црното кафе и кафето со млеко и шеќер – вели таа.
Таа додава дека црното кафе е природно без калории, додека кафето со млеко и шеќер може да додаде стотици калории на вашето кафе, а здравствените придобивки може да бидат сосема различни.
Во претходните истражувања, Корнелис и нејзиниот тим открија дека генетичката варијанта може да придонесе некои луѓе да уживаат во многу шолји кафе дневно, додека други не.
Луѓето со генот го метаболизираат кофеинот побрзо, па стимулативните ефекти исчезнуваат побрзо и тие мора да пијат повеќе кафе. Ова би можело да објасни зошто изгледа добро за некои луѓе да консумираат многу повеќе кафе отколку некој што може да стане нервозен или многу вознемирен – вели таа.

Во новата студија објавена во „Нејчр сајентифик репортс“, Корнелис попрецизно ги анализирала видовите на оние што пијат кафе, одвојувајќи ги љубителите на црно кафе од љубителите на кафе со млеко и шеќер.
Откривме дека луѓето што пијат кафе со генетичка варијанта што одразува побрз метаболизам на кофеинот, претпочитаат горчливо црно кафе. Истата генетичка варијанта ја најдовме и кај луѓе што претпочитаат чист чај наместо засладен и горчливо црно чоколадо наместо поблаго млечно чоколадо – вели Корнелис.
Корнелис и нејзиниот тим не мислат дека претпочитањето има некаква врска со вкусот на обичното црно кафе или чај. Наместо тоа, луѓето со овој ген претпочитаат црно кафе и чај, бидејќи го поврзуваат горчливиот вкус со зголемената ментална будност поради кофеинот.
Нашето толкување е дека овие луѓе ја идентификуваат природната горчина на кофеинот со психостимулативно дејство. Тие учат да ја поврзуваат горчината со кофеинот и ефектот што го чувствуваат. Тоа е научено – додава таа.
Таа понатаму вели дека истото тоа важи и за оние што го претпочитаат темното пред млечното чоколадо.
Кога помислуваат на кофеин, мислат на горчливиот вкус, па уживаат и во темното чоколадо. Можно е овие луѓе да се само многу подложни на ефектите од кофеинот, а тие исто така го имаат ова научено однесување поврзано со друга горчлива храна – истакнува Корнелис.