Проф. Реик истакна дека истражувањето е во рана фаза и дека има неколку научни проблеми што треба да се надминат пред да се пресели во лабораторија и во клиника. Но тој вели дека успехот во подмладувањето на клетките е клучен чекор напред

Научниците успеале да ги подмладат клетките на кожата кај 53-годишна жена, така што тие изгледале како оние на 23-годишна жена. Покрај овој голем успех, научниците од Кембриџ веруваат дека можат да го направат истото и со другите ткива во телото. Крајната цел е да се развијат третмани за болести поврзани со возраста, како што се дијабетес, срцеви заболувања и невролошки нарушувања. Технологијата се заснова на техниките што биле користени за клонираната овца Доли, експеримент спроведен пред повеќе од 25 години.
Лидерот на тимот, професорот Волф Реик од институтот „Бабрам“ во Кембриџ, за „Би-би-си“ изјави дека се надева дека техниката може да се искористи за да им се помогне на луѓето да живеат поздрав живот додека стареат.

Сонувавме за вакви работи

– Сонувавме за вакви работи. Многу вообичаени болести се влошуваат со возраста, а помагањето на луѓето на овој начин е исклучително возбудливо – вели тој.
Проф. Реик истакна дека истражувањето е во рана фаза и дека има неколку научни проблеми што треба да се надминат пред да се пресели во лабораторија и во клиника. Но тој вели дека успехот во подмладувањето на клетките е клучен чекор напред.
Техниката датира од 1990-тите години, кога научниците од институтот „Рослин“, во близината на Единбург, развија метод за претворање на млечната жлезда во ембрион, а тоа резултира со „создавање“ на клонираната овца Доли. Меѓутоа, целта не била да се клонираат овци или луѓе, туку да се користи техника за создавање таканаречени човечки ембрионални матични клетки. Тие се надеваа дека овие клетки би можеле да прераснат во специфични ткива како што се мускулите, ’рскавицата и нервните клетки за да ги заменат „истрошените“ делови од човечкото тело.
Проф. Реик тврди дека некои од првите апликации би можеле да бидат развојот на лекови за подмладување на кожата кај постарите лица и на деловите од телото каде што има исеченици или изгореници, со цел да се забрза заздравувањето. Научниците покажаа дека тоа во принцип е возможно, со тоа што покажаа дека подмладените клетки на кожата се движат побрзо во експериментите што симулираат рана. Следниот чекор е да се испита дали технологијата ќе влијае на другите ткива, како што се мускулите, црниот дроб и крвните клетки.

Техниката е користена за глувци

Професорката Мелани Велхам, потпретседателка на Истражувачкиот совет за биотехнологија и биолошки науки, кој делумно го финансираше истражувањето што доведе до клонирање на овцата Доли, за „Би-би-си њуз“ изјави дека клиничките придобивки од технологијата можеби не се далеку.
– Ако слични пристапи или нови терапии би можеле да ги подмладат имуните клетки, кои стануваат помалку активни во процесот на стареење, тогаш во иднина би можело да биде можно да се подобри човечкиот одговор на вакцинацијата, како и способноста за борба против инфекции – вели таа.
Прашање е дали истражувањето ќе доведе до регенерација на целото тело, еликсир на младоста или апчиња против стареење. Проф. Реик тврди дека идејата не е недостапна.
– Техниката е користена за генетски модифицирани глувци и има знаци на подмладување. Едно истражување покажа знаци на подмладен панкреас, што е интересно поради потенцијалот во борбата против дијабетесот – вели професорот.
Меѓутоа, проф. Робин Ловел-Баџ од институтот „Крик“ во Лондон, не верува дека ќе биде лесно процесот на подмладување да се примени на други ткива или да се развие пилула против стареење и дека таквите техники би биле безбедни. Тој верува дека на другите клетки им се потребни различни услови, кои би можеле да бидат тешки за контролирање и примена на целото тело на безбеден начин, па затоа техниката ја смета за чиста шпекулација.