Американската вселенска агенција НАСА објави видеа и фотографии од површината на Венера. Станува збор за материјал собран од соларната сонда „Паркер“ за време на летот минатата година, а научниците се надеваат дека првите фотографии од овој вид ќе им помогнат да научат повеќе за планетата во Сончевиот Систем, која е најслична на Земјата. Вселенското летало „Паркер“ направи фотографии за време на две орбити на Венера во 2020 и 2021 година, но ги објави дури сега, заедно со анализата.
– Венера е третото најсветло нешто на небото, но немавме многу информации за тоа како изгледа нејзината површина, бидејќи нашиот поглед беше блокиран од густата атмосфера. Сега конечно ја гледаме површината во видливи бранови должини за првпат од вселената – вели Брајан Вуд, физичар во Поморската истражувачка лабораторија во Вашингтон, кој беше главен автор на истражувањето.
Вселенското летало „Паркер“ беше лансирано во 2018 година, во мисија за истражување на короната на Сонцето, а неговата орбита вклучуваше минување покрај Венера во неколку наврати. Научниците сакаа да го искористат својот уред ВИСПР за да ја измерат брзината на облаците на Венера, а наместо тоа, сондата можеше да ја „види“ површината на планетата низ облаците. Тоа се случи за време на прелетувањето во јули 2020 година.
Фотографиите беа толку импресивни што тимот што го контролира ВИСПР повторно ги вклучи камерите за време на летот во февруари 2021 година, кога сондата сними совршен поглед на „ноќната страна“ на Венера. Таа откри слаб сјај од површината, што покажува препознатливи карактеристики, како континентални региони, рамнини и висорамнини, додека луминисцентен ореол на кислород во атмосферата може да се види и во атмосферата околу планетата.
Топлината на површината на Венера, дури и на ноќната страна, е околу 460 степени. Толку е жешка што карпестата површина на Венера видливо сјае, како парче железо извлечено од ковачница – вели Вуд.
НАСА во моментов планира да направи повеќе фотографии од Венера, користејќи ВИСПР кога сондата е во процес на седмото и последно прелетување во ноември 2024 година.