Кимет Мемед Озујаник, физиотерапевтка

Кимет Мемед Озујаник е физиотерапевтка, со стаж до 33 години, сите поминати во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје. Всушност, таа припаѓа на првата генерација физиотерапевти што завршиле средно медицинско училиште во Скопје, а ја одбрала оваа професија за да им помага на луѓето да се рехабилитираат, да ги пребродат проблемите и повторно да бидат здрави и да им се вратат на секојдневните обврски. За 30-годишниот стаж добила плакета од Здружението на терапевти на Македонија, каде што порано била многу активна, а сега тоа им го препушта на помладите колеги.
– Ние, пионерите на физиотерапијата во Македонија, бевме големи ентузијасти. Сакавме да учиме, но и знаењето да го применуваме во практиката. Здружението беше многу силно и активно, а сега, за жал, не е така, бидејќи се отворија неколку здруженија на физиотерапевти во нашата земја и работите нека се разводнија. Јас и моите колеги се залагавме и за отворање на факултетот за кинезитерапија и тоа стана реалност, но тој сѐ уште нема акредитации, односно дипломата не му е валидна. Жално е што овде политиката се меша во сѐ, а медицинските лица мора да бидат аполитични – вели Кимет Мемед Озујаник.

Општеството како да заборави на нив

И надвор од работното време, Кимет или Ким, како што ја викаат блиските и пријателите, го прави она што го сакала од првиот ден – кинезитерапијата, тоа што секој терапевт најмногу го влече. И таа, како и нејзините колеги, ги следи светските новитети во кинезитерапијата за да го унапреди своето знаење.
Тоа е задолжително, бидејќи мора да бидеме во тек што се случува во оваа област во светот. Досега сум им помогнала на многу луѓе и со повеќето од нив сум останала во пријателски односи. Освен тоа, со години им помагам на деца и млади со посебни потреби. Младите се иднината на овој свет и ние треба да се бориме и децата со посебни потреби да ги имаат истите услови во животот како и другите нивни врсници. За жал, денес, за разлика од времето кога јас учев во Заводот за медицинска рехабилитација во Скопје, нема никакви активности за подобрување на нивната здравствена состојба. Општеството како да заборави на нив. Порано имаше цел дефектолошки оддел во болницата, со многу стручни лица: физиотерапевт, физијатар, психолог, дефектолог, учител…, кои се грижеа и работеа со нив, а негата беше на највисоко ниво. Ги нема веќе пакетите на услуги што треба нашето општество да им ги дава на овие ранливи категории, но родителите на овие деца, сакајќи да им помогнат, не ангажираат нас, физиотерапевтите, приватно и ние ги изведуваме вежбите во домашни услови. Колку е тоа успешно е склоп на повеќе околности. Нормално дека условите во болница се подобри и се надевам дека наскоро ќе се случат промени на подобро – се надева Ким.

Со нејзина помош животот на многу деца со посебни потреби, а и на нивните родители, се променил на подобро.
Секој пациент е посебна приказна. Зависи од дијагнозата, дали се работи за полио, церебрална парализа, за невролошки случаи, трауми по сообраќајки, за физички хендикеп… Но, без разлика во што е проблемот, јас сум најсреќна кога ќе успеам да измамам насмевка од пациентите и да ги уверам дека и тие победуваат и понекогаш постигнуваат невозможни нешта. Среќна сум кога заедно ѝ се радуваме на победата и тоа нѐ поврзува за цел живот – вели таа.

Сепак, Ким е најзадоволна кога ќе му помогне на некое дете или млад човек.
– Сѐ додека ме има, јас секогаш ќе им бидам поддршка на овие деца. Периодов, поради пандемијата, ми беше помал обемот на работа, но за драгите пациенти во кои сум вложила труд, време и многу љубов да се осамостојат и да оздрават, секогаш имам време. Моментот кога ќе добиеш одговор дека пациентот е подобро и оти чувствува нешто, тоа е најголемиот подарок за еден физиотерапевт – ни рече емотивно оваа силна жена, која со сето срце се внесува во она што го работи.

Контактите со овие драги луѓе никогаш не се губат

Еден до нејзините пациенти е и Филип Анастасовски, кому Ким му помага веќе 12 години.
– Ким секогаш има посебен, другарски однос кон мене и многу сум ѝ благодарен за тоа. Многу ја сакам и почитувам, таа ми помогна повторно да застанам на нозе. Понекогаш долго разговаравме за сѐ, кога бев помал, признавам, некогаш претерував со моето однесување, но таа секогаш беше стрплива и ме охрабруваше – ни откри ова младо момче, кое има физички хендикеп, последица на ретка болест, но храбро чекори низ животот.
За овој свој пациент Кимет Мемед Озујаник е посебно приврзана.
– Филип ја извојува својата победа. Ете, токму во овој случај даде резултат спојот меѓу терапевтот и пациентот и нивните напори да успеат заедно. Фичо се избори во многу нешта, 12 години вежбаме, кога се запознавме беше осмо одделение, а сега е 25-годишен младич. На почетокот му реков дека сакам да му станам пријателка, а тој ми рече дека тоа не е можно. Но подоцна станавме добри другари и сѐ уште низ животот одиме заедно. Никогаш нема да го заборавам мигот кога Филип, кој не можеше да оди, во еден момент ми рече дека чувствува нешто во ногата. Тогаш не можев да ги запрам солзите, само ги криев, зашто тој се шегуваше дека ние медицинските лица сме без емоции – вели Ким.

Во нејзиното срце се и Мартина, Берат, Александра, Кристина и многу други.
– Контактите никогаш не се губат со тие драги луѓе. Токму поради сите нив, знам дека не згрешив што се определив за оваа професија. Мојот сон е да има една институција каде што сите деца би доаѓале на терапија и би се дружеле меѓу себе, и секој ќе се труди да вежба повеќе за да успее, како што беше во мое време. Често патувам во Турција, каде што третманот кон овие лица е на завидно ниво. Таму сѐ е организирано беспрекорно, прво во општините. За жал, нашето општество нема слух за нешто слично. Напротив, деновиве пратениците одбија да гласаат за зголемување на посебниот додаток на пациентите, кој изнесува само 5.000 денари – посочи Кимет Мемед Озујаник.