Кога посетувате нови места, тешко е да се препознае вистинската знаменитост или квалитетот на само добро камуфлираната стапица за туристи. Популарниот сајт „Базфид“ ги сподели искуствата, поточно, незадоволството на туристите од одредени европски градови.

Италија: Избегнувајте ги рестораните на плоштадите
Кога станува збор за италијанските градови, според искуствата на туристите, клучно е да се избегнуваат рестораните на главните плоштади или во близината на туристичките атракции.
– Менито со слики од храна, преведени на неколку светски јазици, е уште еден аларм. А ако келнерите ве повикаат да вечерате во нивниот ресторан, тоа е универзален знак дека треба да продолжите – тврдат тие.
Ниту Венеција и Пиза не поминаа најдобро.
Следете го примерот на Италијанците и не останувајте таму премногу долго. Во Венеција тие се склони кон измами со цените, особено кога станува збор за ручек или шопинг, а во Пиза единственото нешто што вреди е кулата. Откако ќе се фотографирате, можете да си одите – велат тие.
Австрија: Прескокнете го Халштат
Австрискиот град Халштат е наведен како место што е преценето. Кога ќе ги погледнете неговите фотографии на интернет, ќе забележите дека сите се направени од исти два агли.
Него го карактеризираат маса туристи и евтини сувенири. Ако сакате вистинска атмосфера, одете на местото на езерото со истото име, Халштат може слободно да се прескокне.

Франција и Шпанија: Ручекот не се служи напладне
Во Париз најголемата замка се рестораните во близината на најголемите атракции во градот, додека шпанските градови се карактеризираат со измислување „време за ручек“.
Според искуствата на туристите, доколку забележите дека ручекот се служи напладне во Шпанија, голема е веројатноста дека станува збор за стапица. Времето за ручек таму е помеѓу 14.30 и 16 часот, сè претходно не изгледа добро.

Хрватска: Дубровник е хаос
На списокот е и хрватскиот град Дубровник. За него се вели дека оддалеку изгледа како бајка, но овој град е хаос. Огромен куп кафулиња, ресторани и туристички агенции, не само на главните туку и по споредните улици.

Грција: Миконос и Санторини немаат добра репутација
Иако се меѓу најпосетуваните грчки места, Миконос и Санторини се чини дека немаат најдобра репутација.
Тоа се класични стапици спакувани во елеганцијата на островите. Грција е богата со туристички бисери од кои ќе се воодушевите ако им дадете шанса. Исто така, тие се поевтини и ќе можете да уживате во помалку метеж – се вели во статијата на „Базфид“.

Белгија: Избегнувајте ја Ру де Буше
Кога станува збор за Брисел, туристите особено предупредуваат за една улица.
Ру де Буше и околината изгледаат како вистинско откритие, но, всушност, се вистинско разочарување. Тоа е збир од најлошите ресторани. Келнерите се обидуваат да ве примамат на секој начин, а немаат што да понудат. Освен тоа, услугата е прескапа – велат тие.
Германија: Не одете во музејот „Чекпоинт Чарли“.
За градот Берлин зборува една негова долгогодишна жителка.
– Берлин е дом на многу стапици, а најголемата е музејот „Чекпоинт Чарли“. Самата внатрешност не е нешто посебно, актерите со кои можете да се фотографирате се неверојатно скапи, а лажни советски работи можете да најдете и на други места – вели таа.

Унгарија: Не земајте такси на улица
Во Будимпешта, она што треба да се избегнува се такси-возилата.
Никогаш, ама никогаш не земајте такси на улица. Така влегов во многу грди и чудни ситуации. Секогаш користете ја апликацијата за транспорт – советува еден од туристите.