Денешниот 25 мај, некогашниот Ден на младоста, симболично беше одбран за дата на одржување на втората прес- конференција на групата „Меморија“, која се одржа на терасата на скопскиот хотел „Парк – 4“, на која беа соопштени сите детали за концертениот спектакал под отворено небо,кој ќе се одржи на 11. јуни на стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје.

Лидерот на бендот Петар Георгиевски-Камиказа објави дека за првпат на еден концерт во Македонија се подготвува посебна трибина, односно платформа за лицата со телесни инвалидитети и попречености, за да можат и тие на достоен начин од потребното ниво да го следат концертот. Потег што беше поздравен од претставниците на „седмата сила“, а реализацијата на целата иницијатива покрај членовите на бендот, односно организаторот, ја презема здружението „Мобилност“, чии преставници се заблагодарија на идејата и иницијативата.

Беа највени и специјалните гости и нивните на концертот замислен како голема заедничка „рокенрол матурска забава на генерациите“.

Заедничката „рокенрол матура“ на „Меморија“ ќе ја отвори младата група „2ВЕ“, која како предгрупа ќе свири познати македонски рок-хитови. А ќе и се придружи и Ламбе Алабакоски, кој неодамна од САД, со емејството се врати да живее во родната Македонија, а со тоа повторно се каитивираше на музичката сцена.

Членовите на групата „Морал“ како специјалните гости, ќе ја исполнат песната „Кога патувам“, во што ќе им помогне Ристо Самарџиев.

„Конкорд“ беа и останаа македонска рок-историја, а „Високи штикли и црни чорапи“, е песна која остана рок-евергрин што се свири и пее и денес на секоја клупска рок-свирка. Венко Серафимов, лидерот и гитарист на култниот рок-бенд, заедно со членовите на „Меморија“, веќе е на пробите, а пејачот на „Конкорд“, Сеад Јакупи, кој со години живее и работи во Германија, преку видеопорака го најави своето доаѓање во Македонија, што е еден од ексклузивитетите на настанот.

Дуото „Некст тајм“ што го сочинуваат близнаците Стефан и Мартин Филиповски како дел од големиот рок-спектакл под отворено небо, со својата изведба на една од нивните феноменални фолклорни преработки на македонски изворни песни, таа вечер ќе го вдахнат одново патриотскиот дух кај публиката, за уште повеќе да го разгорат оној „Оган под ѕвездите“ што „Меморија“ го запали пред речиси 33 години.

„Ласт Експдишн“ беа своевремено предгрупа на првиот концерт на „Меморија“ во тогашниот Дом на млади „25 Мај“, денешен МКЦ во Скопје. Подоцна прераснаа во висински рокенрол магови на македонската сцена, за денес со триесет и кусур годишна кариера да се култен бенд. Браќата Енко и Сецко Хаџиќ – вистински рок „шефови“, кои на рок-спектаклот на „Меморија“ ќе ја потсетат повозрасната публика на тие денови, за помладите да видат дека она што било вредност некогаш, останува – засекогаш!

Конечно, големата „рокенрол матура на генерациите“, како и секоја матура, не може да мине без блех-музика. Затоа како изненадување за присутните новинари, на денешниот прес се појави дувачкиот оркестар „Весела дружина“ кој заедно со Ристо Самарџиев го изведоа еден од најголемите хитови на „Меморија“, песната „Дирлада“… И тоа само како мала најава за она што треба на 11 јуни да биде концертна кулминација.
М.Т.