Скандал на натпревар во Саудиска Арабија

Државната агенција во Саудиска Арабија извести дека дури 40 камили се дисквалификувани од натпревар за убавина, кој почна на почетокот на месецов. Причина за тоа е фактот што одгледувачите на камили се борат за награден фонд вреден 66 милиони долари, а животните се исфрлени од изборот бидејќи биле „дотерани“ надвор од правилата. Поточно, им биле инјектирани инјекции со ботокс и хијалурон.

Организатор на годинашниот фестивал на камили е саудиското кралско семејство. Изборот за најубава камила трае еден месец и се одвива во пустина, североисточно од Риад. Жири го избира победникот врз основа на обликот на главата, вратот, грбот и држењето на животното. Сите интервенции и козметички измени што би ги разубавеле камилите се забранети.

Годинава судиите дошле до сознанија што ги шокирале. Имено, одгледувачите на камилите им ги растегнувале носовите и усните, користеле хормони за јакнење на мускулите на животното, им инјектирале ботокс и хијалурон во главата и усните, за да изгледаат поголеми, а делови до телото им надувувале и со гумени ленти.
Фестивалот на камили е замислен како екстравагантен настан, со кој би требало да се зачува улогата на овие животни во бедуинската традиција, а опфаќа и трки на камили, како и аукција на овие животни.