Музејот на современата уметност – Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност (ЦИМАМ), во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.
– Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото стакло“ беа препознаени од единствената меѓународна заедница што ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и која ги нуди ресурсите и можностите за размена што се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот – вели Мира Гаќина, директорка на МСУ.
ЦИМАМ е дел од Меѓународниот совет на музеи, кој е мрежа на повеќе од 35.000 члена – музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница. Основана во 1962 година, визијата е свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството. Целта е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност за да се издигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи, со генерирање дебата и охрабрување на соработка помеѓу уметничките институции и поединци во различни фази на развој низ светот.

Членовите на оваа глобална мрежа еднаш годишно одржуваат конференција, на која дебатираат за теоретски, етички и практични прашања поврзани со организирање изложби, креирање програми, споделување искуства и посети на најистакнатите уметнички институции на современата уметност во светот. Првата годишна конференција на ЦИМАМ се одржа во 1962 година во Хаг. Оттогаш, Комитетот прослави над 50 конференции, кои се одржаа во 30 различни градови низ светот. Во рамките на својата програма, мрежата обезбедува и грантови за патувања, што подразбира поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци преку нивното присуство на годишната конференција. Од 2005 година до денес, поддржа повеќе од 300 млади кустоси и директори на музеи, кои имаа можност да присуствуваат на годишната конференција.