Техно

„Моторола“ го најави доаѓањето на нов паметен телефон, кој ќе има моќна камера од 200 мегапиксели. Генералниот директор на компанијата „Леново“, во чија сопственост е и „Моторола“, на социјалната мрежа Веибо објави тизер од претстојниот уред, кој ги прикажува леќите на камерата со порака за влегување во нова ера на мобилната фотографија. Објавата не открива потенцијални спецификации, но најавува сензор од 200 мегапиксели. Тоа би можело да биде ИСОЦЕЛЛ ХП1 на „Самсунг“, кој првично беше најавен минатата есен.
Меѓутоа, иако огромните сензори се позитивна работа, не треба да се заборави дека за квалитетна фотографија е потребно многу повеќе од голем број мегапиксели. Многу понови телефони на „Моторола“, вклучувајќи го и „еџ +“, имаа проблеми со фотографирање во услови на слаба осветленост, што резултира со заматени фотографии.
Гласините велат дека претстојниот паметен телефон ќе се вика „фронтиер“, а се очекува да има три задни камери, процесор снепдрагон 8+ ген 1 на „Квалком“, 6,67-инчен ОЛЕД-екран, со стапка на освежување од 144 херци, и ќе поддржува брзо полнење од 125 вати.
„Моторола“ го најави доаѓањето на уште еден паметен телефон со процесор снепдрагон 8+ ген 1, а веројатно се работи за долгоочекуваниот телефон на преклопување „разр 3“.