Сиднејскиот заливски мост, кој го поврзува Сиднејскиот деловен центар со северниот брег, наполни 90 години и е една од ретките светски знаменитости по чија конструкција заинтересираните можат и да се искачат. Тој е на фотографиите од новогодишните огномети секој 31 декември, кога милиони луѓе на плажите на Сиднеј влегуваат во новата година.
Мостот се нарекува и „Закачалка“ поради карактеристичниот изглед.
Мостот бил свечено пуштен во сообраќај во 1932 година, за да служи како примарна врска меѓу Сиднеј и неговите предградија на северната страна на пристаништето. Се протега на 500 метри, а на својата должина има четири железнички пруги, автопат и две пешачки патеки.
До 1967 г., мостот бил највисока градежна конструкција во Сиднеј, но Австралијците доживеале разочарување кога дознале дека мостот „Бајоне“ во САД, кој е отворен на 15 ноември 1931 година, е за 70 сантиметри подолг од нивниот мост. Иако веќе не е најдолг, сепак тој и понатаму е најголемиот мост изграден од челик во светот и тежи 50.000 тони.
Проектант на мостот бил сер Ралф Фриман, кој исто така бил и структурен инженер на мостот „Бирченог“ во Зимбабве, Африка, па поради тоа мостовите се слични. Распонот на мостот „Бирченог“ изнесува две третини од распонот на Сиднејскиот мост.
Ралф Фриман исто така го проектирал и мостот на Викториините Водопади.
„Сиднејскиот заливски мост го изградија луѓе што учествуваа во индустриската револуција, луѓе што истовариле ридови јаглен во печките во кои можел да се стопи и воен брод“, напишал писателот Бил Брајсон за оваа челична градба, која е еден од симболите на Сиднеј.