Корисничката на Тикток, Мили Лусон, покажа дека голем број модни брендови сè уште имаат сексистички етикети за перење на алиштата. Имено, повеќето од нив сугерираат дека перењето е работа што треба да ја прават исклучиво жени.
Лусон смета дека модните брендови досега требало да го надминат овој обид за хумор.
– Се разбира, мислам дека смешни етикети се пожелни, но тоа е можно да се направи без да се промовира сексизам, односно мизогинија – изјави таа за „Борд Панда“.
Таа смета дека овој проблем можеме да го решиме со тоа што ќе се обидеме да едуцираме што повеќе луѓе.
– Разговарајте за сексизмот со семејството, пријателите и познаниците. Ова може да изгледа тешко, но неопходно е доколку сакаме позитивни промени во општеството – додаде таа.
Некои од „упатствата“ на етикетите на алиштата се: „Жената нека пере, тоа е нејзина работа“, „Доколку перењето е неопходно, дај го на мајка ти или на девојка ти и оди вози скејтборд“, „Валканата облека ги преокупира жените“, „Најди ја мајка ти, гушни ја и дај ѝ го овој џемпер“… Некои од брендовите што користат такви ознаки се „Салво“, „Писмајнесван“, „Рипндип“, „БлокЕлевен“ и други.
– Иронично е што мислат дека нѐ нарекуваат бескорисни, а во исто време признаваат дека не знаат како да си ги исперат валканите алишта – напиша една корисничка на Тикток.