Секое патување со себе носи ризик од потенцијални здравствени проблеми поради промена на климата, надморската висина, временската зона или квалитетот на водата и храната. За полесно да се преброди ситуацијата, пожелно е со себе да носиме лекови и препарати што ќе ни ја олеснат евентуалната влошена состојба, наведуваат стручни медицински лица.

Подготовки за пат

На пат не заминувајте без патна мини-аптека, која треба да биде задолжителен дел од багажот на секој патник. Нејзината големина и содржина зависи од бројот на патници, возраста и нивните проблеми, како и од видот на самото патување. Треба да се напомене дека пред секое патување треба да ја провериме својата здравствена состојба и осигурувањето, а доколку станува збор за патување во странство, се препорачува да се уплати патничко здравствено осигурување. За пациентите што боледуваат од потешки заболувања, се препорачува со себе да ја земат медицинската документација, а потоа да се информираат за законската регулатива – кои лекови и во кое количество може да се земат, доколку станува збор за патување во странство.

Чести настинки и во лето

Она што го содржи секоја мини-аптека се аналгетици, лекови што се користат за ублажување болки и за намалување зголемена телесна температура, но и во случај на настинка. Најчесто тоа се парацетамол и бруфен, во доза приспособена за деца и за возрасни. Треба задолжително да се носи и топломер.
Поради честите настинки што се јавуваат во летниот период, треба да се земат и капки за нос, што го намалуваат отокот на слузницата, како и пастили за грло, за ублажување на болката. За лицата што лошо го поднесуваат возењето, треба да се земат апчиња против мачнина при возење. Освен горенаведените лекови, во мини-аптеката задолжително треба да има пробиотик, поради можните цревни инфекции, како и активен јаглен и средство за надомест на течности и електролити, како заштита од дијареја и повраќање.

Инсекти и повреди

Експертите препорачуваат препаратите за заштита од инсекти да бидат задолжителен дел на патната аптека. За лицата склони кон алергии, препорака е да понесат таблети и кремови со антихистаминици. Во случај на убод од инсект, се случува да дојде до алергиска реакција, чии симптоми се чешање и оток. Пожелно е во мини-аптеката да има гелови што ги ублажуваат црвенилото и отокот. Промената на амбиентот може да предизвика и кожни инфекции, па добро е да носи и антибиотска маст.
Во случај на мали повреди, се советува употреба на препарати за повредена кожа, средства за дезинфекција на рани (антисептик, стерилни гази и компреси, завои и фластери, ножички, како и прашок за брзо зараснување).

Заштита на кожата од сонце

Било да сте на море или на планина, мислете на заштита од сонце. Генерално правило е да не се изложувате на сончева светлина од 11 до 17 часот, особено тоа важи за помалите деца, бидејќи тогаш јачината на УВ-зрачењето е најголема. Се советува употреба на препарати за заштита со висок фактор (30-50), приспособена на возраста и на кожата. Кремот се става половина час пред да се изложите на сонце. Потребно е да се обрне внимание на кожата по сончањето. Ако дојде до изгореници, се става маст за регенерација на кожата, на пример јекодерм.