Концерт за паметење во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје

Сите членови на „Меморија“ и овој пат ја истурија сета своја позитивна енергија врз многубројната публика што ја наполни арената „Борис Трајковски“ и уживаше во неколкучасовната матурска забава за повеќе генерации

Концертот на групата „Меморија“ и на нивните гости во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, подготвуван со многу енергија, страст, упорност, посветеност, но и со носталгија по некои стари убави времиња, во саботата повторно во нашата меморија се запиша како ретко и неповторливо доживување.

Иако имаше измени во од, менување на локацијата, од стадионот на АРМ во Градскиот парк, до арената „Б. Трајковски“, што на крајот се покажа како уште подобра алтернатива, откажано учество на ексклузивни гости, Сеат Јакупи, некогашниот пејач на групата „Конкорд“, не се појави од здравствени причини, а поради актуелните политички случувања во земјава немаше шанси да ни запее ниту Ламбе Алабаковски, на крајот сѐ излезе според планираното и многу повеќе од тоа.

Петар Георгиевски, попознат како Перо Камиказа, овој пат не ризикуваше, напротив. Како лидер на бендот и двигател на музичката машинерија „Меморија“ не остави ништо на случајноста. Всушност, подготовките на овој концерт за паметење почнаа веднаш по завршувањето на сега веќе легендарниот настап на Скопски саем, кој, за жал, веќе не постои. Емоциите што нѐ обзедоа тогаш сите нас, кои бевме во публиката, беа толку силни што ги воскреснаа сите хитови на групата, а некои од нив на музичкиот канал на Јутјуб имаат повеќемилионски прегледи, како песната „Дирлада“, која и завчера ја слушнавме два-три пати.

По неколкумесечни подготовки, овој пат на членовите на „Меморија“ им се приклучи и клавијатуристот Давор Јордановски, кој своевремено исто така членувал во бендот, а сега живее и гради успешна кариера во Канада. Токму тој внесе свежина во звукот, па песните во изведба на извонредните и докажани музичари звучеа уште подобро отколку пред пет години. Сите членови на „Меморија“ и овој пат ја истурија сета своја позитивна енергија врз многубројната публика што ја наполни арената „Борис Трајковски“.

Освен темпераментниот и талентиран музичар Давор Јордановски, зад клавијатурите беше и секогаш одличниот Валентино Скендеровски, кој како да ги држеше сите музички конци во рацете оваа вечер. А извонредни беа и тапанарот Сашо Ангелов-Сале, со жар како на дваесетгодишник, гитаристот Бане Поповиќ, кој уживаше во секој миг на сцената, и Мичо Божиков, кој и овој пат си поигруваше со гитарата. Перо Камиказа исто така одлично се снајде на своите бас-гитари, иако со мали технички проблеми, што е сосема нормално за жив настап. За звукот „како од цеде“ придонесоа и придружните вокали и сите што дадоа свој удел сѐ да биде беспрекорно.

Концертот почна со инструментална верзија на познатата македонска народна песна „Параходот си замина“, која ја исполнија Тино, Давор и Мичо, по што одекнаа првите тактови на „Македонија“ на Дадо Топиќ, преработена уште пред 30 години од „Меморија“ и изведена на прославата по повод прогласувањето на независноста на нашата земја. И од овој миг сѐ до крајот на концертот публиката заедно со Апостол Икономов-Поце и подоцна со Ристо Самарџиев од збор до збор ги пееше хитовите на групата, кои, повеќе од очигледно, го положија тестот на времето.

Најавата дека овој концерт е замислен како матурска вечер на повеќе генерации се обвистини. Во публиката имаше посетители што биле млади и растеле со овие песни, но и момци и девојки што во тоа време не биле ни родени. И повторно се разбудија многу спомени, а целата сала се нишаше во тактот на музиката, но и на разиграните срца. Убаво беше по сѐ што преживеавме изминатите две години, насекаде околу себе да гледаш насмеани и среќни лица.

Благодарение на „КЛС продукција“ звукот и светлосните ефекти беа на светско ниво, а на два големи видеобима цело време одеа инсерти од концертот, кој се снимаше со неколку камери, едната фокусирана на расположената публика.
Овој пат меѓу присутните во салата имаше и лица со физички инвалидитет, некои и во количка, што на настанот му даде една хумана димензија.
Во првиот дел, Апостол Икономов-Поце уште еднаш со својата изведба нѐ увери во своите фантастични вокални способности. Навистина би било штета да чекаме уште пет години за повторно да го чуеме.

Ги слушнавме „Одам засекогаш“, „Возови“, „Октомвриски дождови“, „Бејби“, „Разбира се“, „Нена“… Баладите „Зошто боже“ и антологиската „Оган под ѕвездите“ повторно предизвикаа лавина од емоции и пеење на публиката во еден глас. Целиот концерт искреше и со патриотизам, особено кога Поце во рефренот на „Среќна нова“ отпеа: „Вечерва ја трошиме слободата на годината, напиени не забораваме, името не го даваме…“, а и во салата можеше да се видат и македонски знамиња, кои се вееја и на сцената.

Поце пееше заедно и со гостите, членовите на групите „Некст тајм“ и „Конкорд“, а му беше оддадена почит и на Аки Рахимовски, со изведбата на баладата „Јесен у мени“. Енко и членовите на „Ласт експедишн“ со вистинска рокерска енергија ја испеаја култната песна „Шефе“, а момците од „Некст тајм“ ја изведоа „Ја излези Ѓурѓо“, нагласувајќи дека нивен сон од детството било да застанат на бина со членовите на оваа своевремено многу популарна група. Потоа одекна и големиот хит „Високи штикли и црни чорапи“, изведена заедно со Венко Серафимов од групата „Конкорд“, на задоволство на неколкуилјадната публика.

Ристо Самарџиев, чиј глас звучеше подобро од кога било, поздравувајќи ги присутните со зборовите дека едвај дочекал да излезе на бината, ја испеа неговата позната песна „Таму кај што си“, а со поддршка на членовите на групата „Морал“ и нивниот голем хит „Кога патувам“, која му ја посветија на прерано починатиот пејач на бендот Влатко Илиевски. Всушност, како што рече Славчо Стојанов, ова е нивен прв настап без него.
Атмосферата беше пред експлозија со изведбата на „Моите слики“ и „Снежо, Снежана“, а песната „Дирлада“ и овој пат беше изведена со помош на дувачки оркестар, како и пред пет години и предизвика ерупција на радост и веселба во салата. Всушност ја слушнавме и на бис, заедно со „Оган под ѕвездите“ и „Македонија“, сите испеани со најдобриот придружен вокал – публиката, која уживаше од првиот до последниот миг на концертот, кој заврши некаде на полноќ.

А ова што се случи во саботата, во нашата меморија ќе остане забележано како една неповторлива матурска забава, на која сите пеевме, се смеевме, се чувствувавме млади и полетни и барем тие два-три часа заборавивме на сивото и неизвесно секојдневие, токму како што велат „Меморија“: „Пејте сложно браќа мили, тоа нам ни дава сили да заборавиме на сѐ, разбира се“.