Изминататата 2021 беше година на Илон Маск, здружено се согласи светската јавност откако следеше како акциите на неговата компанија „Тесла“ достигнуваат рекордно високи вредности и како подвизите на „Спејс екс“ даваат поттик во новата вселенска трка, што овозможи богатството на ексцентричниот бизнисмен и иноватор во изминатите 12 месеци да се зголеми за 121 милијарда долари и да изнесува 277 милијарди на 29 декември. Згора, Маск во текот на вчерашниот ден се збогати за дополнителни 32 милијарди долари со што сега „тежи“ 303,7 милијарди долари. Токму затоа, магазинот „Тајм“ и весникот „Фајненшл тајмс“ го прогласија за личност на 2021 година.

– Како „Тесла“ и „Спејс екс“ успеаја кога други компании имаа далеку повеќе ресурси и пари од мене? Одговорот е во тоа што тие не можат да ме ангажираат мене – истакна Маск во неодамнешното интервју за „Фајненшл тајмс“.

Но, се чини дека Маск веќе ја остави зад себе годината во која „Тесла“ ја надмина пазарната вредност од трилион долари, а „Спејс екс“ успешно испрати четворица астронаути кон Меѓународната вселенска станица (ИСС), преку првата вселенска мисија што за Американската вселенска агенција (НАСА) ја изведе приватна компанија. А веројатно веќе гледа понапред во однос на 2022 година, што може да се претпостави според прашањата кои неодамна ги постави преку Твитер до неговите преку 66 милиони обожаватели – како ќе изгледа 2023 година и дали ќе бидеме на Марс?

Тој претходно најави дека неговиот тим во американската сојузна држава Флорида работи на прототип-модел од ракетата „Старшип“ наменет за остварување на неговата визија за вселенска мисија до Марс. Според најавите, доколку идејата на Маск се одвива според планираното, првиот обид за лансирање на „Старшип“ во орбитата би можел да биде изведен во јануари или во февруари, а набргу потоа да има и други пробни летови.

Постигнатиот успех го отвори прашањето дали моментно најбогатиот човек на светот ќе успее да го продолжи ваквиот подем и во 2022 година, наспроти бројните предизвици со кои е извесно дека ќе се соочи. Американскиот магазин „Блумберг“ смета дека Маск ќе треба да ги намали празните ветувања кои ги користи за да го зголеми интересот за одредени идеи, како и дека ќе треба да внимава на комуникацијата со американските власти, бидејќи „Спејс екс“ во голема мера зависи од владините договори. Тој истовремено треба да се фокусира на развојот на соларната енергија и на батериите за електричните возила на „Тесла“, кои претставуваат клучен дел од неговата голема стратегија најавена уште во 2006 година. A се предвидува и дека ќе дојде до заострување на конкуренцијата на пазарот за електрични возила во 2022 година. Извесно е дека Маск ќе продолжи и натаму да го привлекува вниманието на светот, додека се обидува и во новата година да ги оствари неговите амбициозни планови.