Големината на еден народ не се мери според неговата бројност, а богатството на малиот по број македонски народ е во неговиот фолклор. Од неговото зачувување и генерациско пренесување директно зависи и постоењето на еден народ, од предговорот на книгата „Гласот на предците“ од Христијан Аџиоски

Занимливости

Продолжува традицијата на собирање народни умотворби во Македонија

Македонската народна книжевност е создадена од македонскиот народ и се пренесувала низ генерациите преку раскажување, пеење, магиски и бајачки обреди. Во 19 век, македонските преродбеници преку собирањето на народните умотворби придонесуваат во нивното зачувување и афирмација. Марко Цепенков, кој останува запаметен како еден од најзначајните преродбеници, бил убедуван од Димитар Миладинов да започне со собирање гатанки, приказни и други народни умотворби. Цепенков во разговор со Димитар Миладинов запрашал зошто е потребно собирањето на народните умотворбите и песните, а Миладинов му одговорил дека на тој начин ќе бидат останат „запишани за навек“ и нема никогаш да бидат заборавени.
Македонската вековна традиција на собирање народна книжевност продолжува и денес, а меѓу ретките што ја негуваат оваа традиција е и Христијан Аџиоски. Тој вели дека „Македонската приказна е душата на македонскиот човек, ехото на македонската дамнина, трезорот на нераскинливата семакедонска традиција и пргавата живост на прабабиниот македонски јазик“.
Аџиоски во предговорот на својата книгата „Гласот на предците (Зборник на македонски народни преданија)“ посочува дека со цел зачувување на македонското културно наследство и истакнување на старите македонски умотворенија во денешно време, решил да го создаде зборникот од народни преданија и легенди поврзани со разни настани, луѓе и места во Македонија.

Во неговото дело се собрани легенди, историски, етиолошки и топонимски преданија поврзани со потеклото или именувањето на одредени места, градови, села, реки, езера, области, чие народно толкување на соодветното име почнало да се раскажува како предание. Во споменатото дело, Христијан Аџиоски изложува и соодветна анализа, која се однесува на народните творби, како и одредени заклучоци изведени според описот на развојот на дејствата, односот и особините на јунаците и заемната врска помеѓу реалното и мистичното.
За својата книга, Аџиоски вели дека народната приказна како најсилна генерациска алка што ги поврзува предците со потомците треба да претставува еден своевиден мост помеѓу минатото и иднината. Според него, во преданијата што ја раскажуваат Македонија ќе сретнете непокор, јунаштво, предавства, љубов, мудрости, приказни во кои дефилираат цареви, принцези, војсководци, бегови, паши, невести, ѓаволи, доаѓаат и светците како заштитници, а прелетува и понекој змеј. Христијан Аџиоски исто така посочува дека во земја каде што од секоја педа бликаат приказни полни со живост, токму приказните и целиот фолклор ја прават толку голема и секогаш недораскажана. ­


Христијан Аџиоски – продолжувач на вековната традиција

Христијан Аџиоски е дипломиран професор по македонски јазик и книжевност, лиценциран лектор по македонски јазик, како и лиценциран туристички водич. „Гласот на предците“ (Зборник на македонски народни преданија) претставува негова четврта книга, а прва на тема поврзана со македонското народно прозно творештво. Македонскиот фолклор, а конкретно кратките приказни од рани години претставуваат негова пасија, која со текот на годините станува сѐ посилна и со цел да се направи еден обид за трајно зачувување на македонските културни вредности се решава да собере еден дел од неисцрпната ризница на усните преданија и да ги издаде во еден мал зборник – поделен на неколку тематски целини. Аџиоски живее и работи во Битола.