Македонија според повеќе античкт извори

Во 1874 година, група автори, предводени од истакнатиот англиски лексикограф Вилијам Смит, го објавија „Атласот на античката географија“, во кој врз основа на историските извори се изработени географско-историски мапи на античкиот свет.
Од денешна перспектива се особено интересни претставите на Македонија како географска, историска, политичка и етничка област. Во зависност од историскиот период и античките извори, на кои се повикуваат авторите на споменатиот атлас, границите на Македонија се менуваат. Меѓутоа античките географи и автори многу јасно ја прикажуваат Македонија како нешто одделно.
Во мапата што е изработена врз основа на хеленскиот историчар Херодот, Македонија е запишана според името Македон и нејзините граници всушност се јадрото на државата што е управувана од династијата Аргеади, пред обединувањето на македонските племиња и освојувањата на Филип Втори.
На мапата на која е прикажана Македонија во текот на Персиските војни може да се забележат неколку македонски области, како што се Линкестида, Мигдонија и Елимеја, вклучувајќи и повеќе македонски градови, како што е престолнината Пела.
Исто така, во споменатиот атлас може да се види Македонија во текот на војната помеѓу Спарта и Атина. Оваа мапа авторите ја изработиле врз основа на пишувањата на хеленскиот историчар Тукидит. На север од Македонија се претставени Пелагонија и Пајонија, областите што биле населени од пелагониските и пајонските племиња. Границата на Македонија е понајуг, бидејќи во овој период споменатите области и племиња не влегуваат во рамките на македонската држава.

Македонија според Херодот

Особено е интересна мапата на хеленските и феникиските колонии. На оваа мапа Македонија е прикажана како одделна етничка област од Хелада и се прикажани хеленските колонии на територијата на Халкидичкиот Полуостров. Старите Хелени своите колонии ги создавале надвор од територијана на Хелада.
Во „Атласот на античката географија“ исто така е претставена пространата македонска империја на Александар Македонски. На оваа мапа, Пајонија е во рамките на македонската држава, бидејќи во времето на Александар пајонските племиња се составен дел од Македонија и учествуваат во походот на исток против Персија.
Авторите на атласот исто така изработиле мапа врз основа на податоците на римскиот историчар и географ Клавдиј Птоломеј од Александрија. Тука Македонија е претставена како одделна од Тракија и Хелада.
Во општата мапа, која е изработена врз основа на античките извори, Македонија е претставена со политичките граници, бидејќи во нејзините рамки влегуваат Тесалија и еден дел од Илирија.


Потекло на името Македонија

Според преданијата, името на Македонија потекнува од митскиот македонски предок Македон. Од осмиот век пред нашата ера, името Македонија започнува да се користи за државата предводена од династијата Аргеади, како и за империјата на Александар Македонски. Во подоцнежниот период, кога Македонија е освоена од римската држава, Македонија се споменува како римска провинција.

Детаљ од империјата на Александар Македонски