При планирањето на едно искачување на мраз, мора да се внимава на опасноста од лавини и на температурните амплитуди при формирањето на мразот

Качувањето на мраз е најразвиено во Централна Европа и Северна Америка, а поради предизвикот што постои во алпинизмот, објективните опасности и посветеноста што е неопходна, како спорт не е развиено на ниво на фудбалот, на пример. Кај нас нема многу качувачи на мраз. За да се зголеми нивниот број, прво треба да се издигне алпинистичката култура. Исто така, големо влијание има и релативно кратката зимска сезона.

– Многу често алпинистичките искачувања, оние врвните, подразбираат одигрување натпревар за освојување златен медал, меѓутоа и само еден „аут“ значи смрт. Од тој аспект, повеќе се развиени качувањето по сува карпа и спортското качување, отколку качувањето по мраз, ризикот е многу поголем. Овој спорт е многу поразвиен во алпските земји, како Словенија, Швајцарија, Италија, Франција – вели Илија Циривири, алпинист што се качува на мраз.

Според него, само навидум е полесно да се качува на мраз, бидејќи залажува идејата дека имате целосна слобода каде да ги поставите цепините и крампоните.
– Меѓутоа, мразот е „жив“ медиум што бара постојано приспособување од алпинистот. Понапредните техники за качување на мраз, а особено на „микс“ (качување со опрема за мраз по мешан терен од мраз и карпа), наметнуваат користење техника потребна за качување на карпа. Во секој случај, качувањето на мраз нуди уникатно задоволство, што се должи на повеќе различни елементи: од изолираноста во планина, преку опремата, до целата логистичка и физичка подготовка – вели Илија.

Опремата што се користи за качување на мраз генерално е иста со онаа за качување на сува карпа: карабинери, клинови за во карпа, гуртни, френдови и чокови, но и две бајли/цепини, дерези (крампони) и леднички клинови, односно тубуларци. Секако, потребни се и соодветни чевли, на кои може да се постават дерезите и кои ќе бидат доволно топли при целата активност.
– Многу често искачувањата на мраз се прават со две потенки јажиња наместо со едно подебело. Тоа е заради пофино распределување на тежината при пристапот помеѓу партнерите, најбитно при качувањето со користење две јажиња се намалува прекршувањето на јажето преку поставеното осигурување – додава Илија.
При планирањето на едно искачување на мраз, мора да се внимава на опасноста од лавини и на температурните амплитуди при формирањето на мразот. Тоа се двата најбитни фактора што директно влијаат врз качувањето.

– Исто така, треба да се имаат предвид и основните принципи за безбедност во планина. Додека се качува, пак, мора да се внимава на изборот на самата линија на движење. Бидејќи од таа линија зависи каде ќе се навртат тубуларците, односно дали мразот е доволно цврст и сигурен за да се постави точка на обезбедување. При целото искачување, принципите и процедурите на безбедност се исти и непроменливи како и за секое друго искачување – објаснува Циривири.
Кај нас има голем потенцијал за развој на оваа дисциплина, бидејќи имаме многу планини.
– Не мора да подразбира дека качувањето на мраз е исклучиво на замрзнати водопади, туку и на замрзнат снег. Што значи дека има и многу планини кај нас што нудат вакво искуство. Постојат неколку „докажани“ локалитети за зимски искачувања кај нас. Најголем е локалитетот под Остри Врв на Караџица. Има опции за качување на северната страна на врвот, како и во амфитеатарот, кој се забележува од селото Патишка Река. Исто така овој локалитет е познат и по големата лавинска опасност. Други локалитети се: Лешница на Шар Планина, Магаро на Галичица, во кањонот на Радика во Маврово, а секако и сите преостанати планини нудат можности за вакво искуство во одредена мера – додава Циривири.
Како што вели тој, вкупниот број на активни алпинисти во Македонија е релативно мал во однос на потенцијалот. Бројот на качувачи на „сува“ карпа исто така не е многу голем.

Најдраго качување на мраз нему му е последната насока што ја качиле над Патишка Река. Се работи за замрзнат водопад од 350 метри, кој тече преку карпа, а вкупната должина е 550 метри.
– Овој мраз, односно алпинистичка насока претставуваше предизвик за многу генерации алпинисти, но никогаш не беше искачен. Тоа во голема мера се должеше на условите што владеат во локалитетот. На почетокот на сезоната, кога нема многу натрупан снег, мразот вообичаено не е целоно формиран, а кога ќе се формира кон средината на сезоната, има голема лавинска опасност – додава Циривири.

[email protected]