Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден, разговараше со својот руски колега Владимир Путин првпат по инаугурацијата во минатата недела, покажувајќи загриженост за некои активности на Москва, вклучувајќи ги и третманот на Алексеј Навални и анексијата на полуостровот Крим. Двајцата, сепак, најдоа заеднички јазик за контролата на оружјето, а во вчерашниот телефонски разговор се согласија да продолжи новиот договор СТАРТ за контрола на нуклеарното оружје, пред неговиот истек на почетокот на идниот месец.

Џакарта – Најактивниот вулкан во Индонезија, Мерапи на островот Јава, повторно почна да испушта облаци со врела пареа и топла лава, кои се спуштаат низ падината во должина од 1.500 метри. За време на неговата последна голема ерупција во 2010 година загинаа 347 лица, а 20.000 жители беа евакуирани.

Киев – Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, отпатува за Киев, во официјална посета на Украина. Посетата, како што е објавено во Будимпешта, се остварува по покана на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба. Односите меѓу Украина и Унгарија се влошија по усвојувањето на украинскиот закон за образование есента 2017 година. Оттогаш Унгарија ги блокира состаноците на Комисијата НАТО – Украина, тврдејќи дека правата на Унгарците што живеат во Украина се повредени со одредбите на законот.

Москва – Приврзаниците на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални повикаа на митинг в недела, пред седиштето на Федералната служба за безбедност (ФСБ) во Москва, за повторно да се побара негово ослободување од притвор. Опозициските демонстранти често се собираат на плоштадот „Љубљанка“, седиштето на ФСБ. Десетици илјади луѓе во саботата излегоа низ Русија барајќи ослободување на Навални, а полицијата приведе речиси 3.900 лица.