За жал, општеството заборави на основоположниците на македонската народна музика, меѓу кои е и дедо ми Александар, и тоа е многу тажно. Не се чуваат така традицијата и културата на една држава. Еве, дедо ми целиот живот ѝ го посвети на популаризацијата на македонската народна музика во светот и беше голем културен амбасадор на Македонија, вели Иван

Иван Сариевски-Саре, музичар и внук на доајенот Александар Сариевски

Внукот на легендата на македонската народна песна Александар Сариевски, Иван, кој и самиот е музичар, во пресрет на концертот што во Галичник ќе се одржи на 15 јули, по повод 100 години од неговото раѓање, се сеќава на својот дедо, со кого растел, чија големина ја открил многу подоцна.

Какво беше чувството да се расте со толку голем човек за Македонија, кој, сепак, за вас беше само дедо?
– Прекрасно, тој беше еден многу пријатен и срдечен човек, полн со емоции и многу големо животно искуство. Сепак, за мене беше само мојот сакан дедо. Тој си беше домаќин човек, фамилијата беше многу важна во неговиот живот. Оваа година одбележуваме двоен јубилеј, 100 години од неговото раѓање, роден на 20 јуни 1922 г., и 20 години неговата смрт, почина на 19 декември 2002 година.

Фото: Приватна архива

Ќе споделите ли со нас некои сеќавања од дружбите со вашиот дедо, од муабетите, од спомените што ги раскажувал дома?
– Повеќето спомени поврзани со дедо ми се поврзани со нашето заедничко живеење. Растев со моето семејство, баба ми Стојна и дедо ми Александар. Ми останаа во сеќавање моментите кога почнував да учам да свирам на гитара, а тој седеше до мене додека вежбав. Морам да признаам дека не ми беше лесно, бидејќи секогаш бараше да дадам сѐ од себе, не прифаќаше откажувања кога имав некои тешки вежби за совладување. Исто така, често седеше со моите другари кога како деца правевме проби во нашата гаража. Мојот прв бенд се викаше „Мејл бокс“, а дедо ми ни укажуваше каде грешиме. Понекогаш знаеше и да нѐ искара ако свириме многу гласно. Инаку, дома кај нас не се зборуваше премногу за неговите концерти. Но знам дека сакаше да настапува и тоа го правеше до длабока старост. Соработуваше со сите, не паметам дека одбил некого. Мојот брат, кој исто така се вика Александар, повеќе одеше со дедо ми на неговите настапи, бидејќи е постар од мене и можеше и да го вози.

Веројатно од своите многубројни турнеи и настапи со ансамблот „Танец“ и како солист, Сариевски носел дома и разни подароци за внуците, за домашните. Се сеќавате ли на некој специјален подарок?
– Многу се радувавме кога ќе се вратеше од некоја турнеја. Сепак, тие траеја долго, по три и повеќе месеци. За жал, не чуваме ништо од тоа. Најчесто носеше некоја за тоа време нова технологија, како камери, ДВД-плеери, ВХС и бетамакс-видеоплеери, понекоја играчка и за постарите понекое парче облека и слично. Јас како денес се сеќавам кога имав шест години, од едно патување во Австралија, ми донесе бордо велосипед. Беше спакуван во еден од куферите со кои тој патуваше. На радоста ѝ немаше крај. Не ми се веруваше дека добив таков подарок. Особено бев горд бидејќи никој од моите врсници немаше таков велосипед.

Сигурно ги чувате дома сите негови плочи, албуми, написи за него во нашиот и во бившојугословенскиот печат, носии во кои настапуваше. Дали можеби размислувате во Скопје или во Галичник да се отвори негова спомен-соба?
– Секако дека чуваме плочи, написи, плакати, слики и носии во кои настапувал. Јас сѐ уште ја користам неговата галичка носија, во која се венчав на манифестацијата Галичка свадба со мојата сопруга Ана, во 2014 година. Во неа сум облечен секоја година како учесник на манифестацијата, чиј дел ќе бидам и годинава. Како семејство сме разговарале многупати за отворање спомен-куќа во Скопје или во Галичник, меѓутоа за тоа треба да се погрижат институциите, бидејќи се потребни големи финансиски средства. За жал, општеството заборави на основоположниците на македонската народна музика, меѓу кои е и дедо ми Александар, и тоа е многу тажно. Не се чуваат така традицијата и културата на една држава. Еве, дедо ми целиот живот ѝ го посвети на популаризацијата на македонската народна музика во светот и беше голем културен амбасадор на Македонија.

Песната „Зајди, зајди“, која тој ја создаде, е една од најубавите македонски песни, широко прифатена и се пее во целиот регион.
– Песната „Зајди, зајди јасно сонце“ е неговото ремек-дело. Таа е толку моќна што веќе е и обнародена. Поголемиот дел луѓе кај нас и во странство мислат дека е народна песна, а напротив, таа е музичко дело на Александар Сариевски, кој ги напишал музиката и текстот, а аранжманот е на маестралниот негов соработник и пријател Кочо Петровски. Песната е заштитена во тогашна Југославија, при крајот на 1950-тите години.

Колку неговата љубов и сѐ што направи за македонската народна музика придонесоа и вие да ја засакате музиката, но и традицијата и татковината?
– Таа негова љубов кон музиката и татковината остави траен белег во нашата култура. Нормално дека сето тоа многу придонесе да сакам и јас да се занимавам со музика и да ја негувам нашата традиција. Долго време ми требаше да ја разберам точно неговата големина и колку тој е значаен за македонската музика и за македонската култура.

Во рамките на Галичка свадба, на Петровден, ќе се одржи голем концерт во чест на нашата музичка икона. Дали сте вклучен во организацијата?
Токму така, пред почетокот на Галичката свадба, која оваа година ќе се одржи на 16 и 17 јули, вечерта на 15 јули, ќе се одржи целовечерен концерт во чест на Александар Сариевски. Јас сум активно вклучен во неговата организација, а делумно и во подготовките за Галичката свадба, кои се во завршна фаза и наскоро ќе ги откриеме сите детали.

И самиот се занимавате со музика, свирите бас-гитара и сте биле член на повеќе групи. Кажете ни нешто повеќе за овие ангажмани?
Да, се занимавам со музика професионално од 16 години. Моментално настапувам со познатиот скопски кавер-состав „Деј оф“ како басист. Низ годините членував во повеќе скопски состави и досега имам снимено два албума, едниот со „Ај кју“, а другиот со „Армадило“. Сум настапувал со повеќе наши артисти: Дани Димитровска, Александра Пилева, „Нокаут“, а порано бев дел и од неколку концерти и на Јанко Узунов.

Размислувате ли можеби, инспириран од музиката на вашиот дедо, да преработите некоја негова песна?
Сум размислувал на таа тема подолго време. Конечно минатата година собрав храброст и поднесов проект за снимање албум, по повод јубилејот, до Министерството за култура, но не беше прифатен. Но не се откажувам и се надевам дека во скоро време ќе го завршам тој албум како што замислувам дека треба да биде.

Дали би издвоиле некој концерт на Александар Сариевски што засекогаш ќе остане во вашето срце?
– Памтам неколку негови настапи. Еден од е нив е концертот на Влатко Стефановски на Скопскиот саем, каде што настапи и дедо ми, а се сеќавам и на настап во Универзалната сала, каде што дедо ми пееше со легендарната Васка Илиева и беше магично. Исто така нема да ја заборавам мојата прва средба со Влатко Стефановски, кога ми објаснуваше и раскажуваше колку е мојот дедо значаен за македонската музика. Ми велеше дека тој е светски човек, држејќи една негова плоча каде што тој е облечен во галичка носија. Тогаш јас имав 15 години и не го разбрав сосема што сака да ми каже. Години подоцна разбрав и многу сум му благодарен за тој разговор.