Иднината дефинитивно ќе донесе нови стандарди, па во таа насока е осмислен и летачки хотел, кој благодарение на нуклеарната енергија ќе може да лета неколку години без да се приземји на цврсто тло. Ова го објави британски „Индепендент“.
Според амбициозниот дизајн, летачкиот хотел би се викал „Скај круз“ и би можел да прими до 5.000 гости.
Дизајнерите наведуваат дека објектот ќе го движи нуклеарна енергија, а луксузниот брод за крстосување ќе биде управуван од вештачка интелигенција.
Проектот е претставен како дестинација за одмор, а во видеоснимката поставена на каналот Јутјуб може да се види дека патниците ќе имаат на располагање барови, ресторани, базени, кино, театар, гејминг-соба, како и простории за венчавки и прослави. Ќе има и сопствена набљудувачница во вид на диск, од каде што патниците ќе можат да видат неверојатни глетки.
Проектот предвидува дека хотелот би имал 20 електрични мотори, кои ќе обезбедуваат „чиста нуклеарна енергија“.
Дизајнерите тврдат дека летачкиот брод ќе може да плови на небото со години, а патниците ќе се снабдуваат со неопходните потреби преку електрични комерцијални и приватни авиони, кои ќе можат да слетаат на покривот на авионот.