Компанијата „Хјундаи“ го прошири својот технолошки бизнис надвор од автомобилската индустрија во изминатите неколку години, а еден пример е кучето робот.
„Хјундаи“ вредно ја развива својата стратегија за електрични автомобили за да се натпреварува со електрични автомобили како оној на „Тесла“, а еден од адутите, секако, е производството на „ајоник 5“. Меѓутоа, во меѓувреме, јужнокорејската компанија наоѓа време за развој на летачко такси, како и флота од роботски кучиња што можат да им помогнат на луѓето во производствените процеси во фабриката на КИА во Јужна Кореја. Сега „Хјундаи“ оди чекор понатаму и испраќа кучиња роботи во САД да им помогнат на пожарникарите.

Кучето робот развиено од „Бостон дајнамикс“ ќе им се придружи на пожарникарите низ САД во гаснењето пожари и спасувањето животи. Сепак, употребата на роботи не е нова за пожарникарите бидејќи го прават тоа од 2014 година. „Супер дроид“ беше развиен од „Катепилар“, но не се покажа доволно добар за да надмине голем број предизвици со кои се соочуваат пожарникарите, вклучувајќи и ризични задачи, како што се качување по скали и качување над предмети.

„Хјундаи“ развива роботика од 2018 година, а минатата година ја купи „Бостон дајнамикс“, компанијата што стои зад некои од најнапредните и најспособни роботи некогаш произведени. Меѓу нив, секако, е „атлас“, хуманоиден робот што може да изведува акробации на човечко ниво. Производителите како „Форд“, исто така, работат на роботски асистенти и тие треба да се покажат како растечка индустрија во годините што доаѓаат.

„Хјундаи“ и „Бостон дајнамикс“ потпишале договор со њујоршките пожарникари за две напредни роботски кучиња, кои чинат по 75.000 долари. Овие роботи содржат термални камери што покриваат 360 степени, можат да отвораат и затвораат врати, но и да совладуваат тежок терен, пишува „Њујорк тајмс“.
Њујоршката полиција наиде на отпор откако се обиде да ги користи истите роботи минатата година. Изгледа на луѓето не им се допаѓа идејата роботските кучиња да ги „душкаат“ нивните населби. Користењето на овие роботи во пожари или итни ситуации за спасување на преживеаните може да помогне да се сменат перцепциите на јавноста.

Во пожар во Бронкс на почетокот на оваа година загинаа 17 луѓе, а смртта можеше да се спречи доколку се користеа роботи. Сепак, загриженоста за приватноста, надзорот и сајбер-безбедноста сè уште се во фокусот, но користењето роботи за гаснење пожари би можело да преовладува на позитивната страна и да ги направи роботите „бестрашни херои“.