„Нетфликс“ објави трејлер за претстојниот филм, психолошкиот трилер „Спајдерхед“, со Крис Хемсворт во главната улога. Филмот ќе биде достапен на овој стриминг-сервис од 17 јуни.
Австралискиот актер го игра Стив Абнести, брилијантен визионер на чело на најсовремениот казнено-поправен дом наречен „Спајдерхед“, каде што сите затвореници носат хируршки прикачен уред, кој им дава специјален лек. Станува збор за наркотик што го менува нивниот ум и ги прави безбедни за околината, поради што во овој затвор нема ќелии, решетки или чувари.
Затворениците доброволно избираат да се подложат на овој експериментален третман, но со текот на времето, некои од нив се сомневаат во изборот што го направиле, што ги доведува во конфликт со Абнести и неговите следбеници.
„Спајдерхед“ беше режиран од Џозеф Косински („Топ ган: Маверик“), врз основа на сценарио напишано од сценаристите на „Дедпул“ и неговото продолжение, Рет Рис и Пол Верник. Покрај Хемсворт, во филмот играат и Мајлс Телер, Џорни Смолет, Тес Хобрич и Бeбe Бетанкорт.