Кога го „вработуваме“ мозокот и го тераме да се фокусира на нешто физичко, го доведуваме во состојба слична на медитација. Тогаш се ослободува допамин и срцето забавува

Кога доаѓаат студените зимски денови, многу луѓе почнуваат да се чувствуваат вознемирени. Често сме спречени да излеземе надвор поради студот, а прошетките на дожд и снег не се најсреќното решение. Но, еве, што можете да направите за паметно да го искористите вашето време, да се опуштите, да уживате и да внесете нова енергија во вашиот ум и тело.
Истражувањето објавено во списанието „Бихејвиорал сајенсис“ покажа дека креативните уметнички терапии како уметност, музика, танц или глума, исто така, го ослободуваат човечкото тело од напнатост. Клои Кармајкл, доктор на науки и клинички психолог, вели дека овие имагинативни активности ни даваат привремен одмор од секојдневните проблеми со кои се бориме.
– Кога го користиме нашето тело, на пример во танцот, или рацете, додека цртаме или сликаме, нашиот ум отвора простор за нова енергија и на тој начин се ослободуваме од стресот – вели Сара Паис, мотивациска говорничка.
Според неа, кога го „вработуваме“ мозокот и го тераме да се фокусира на нешто физичко, го доведуваме во состојба слична на медитација. Тогаш се ослободува допамин и срцето забавува.

Танцување
Рекреативното танцување и вежбите за танцување, па дури и танцувањето дома се одлични опции што можат да послужат како ослободување од стрес. Универзитетот во Пенсилванија откри дека танцувањето го намалува стресот, исто како и другите форми на вежбање. Танцувањето ослободува ендорфини, хормони на среќата, што прави вашето тело и ум брзо да се чувствуваат подобро.

Уметност
Цртајте, скицирајте, боите, сликајте – сите овие активности ќе ве натераат да се фокусирате на вашиот креативен проект наместо на грижи. Една студија од универзитетот „Харвард“ заклучи дека цртањето и сликањето го ублажуваат стресот.

Пишување
Познато е дека водењето дневник, пишувањето раскази или пишувањето писма ги ублажува напнатоста и нервозата. Истражувачите од „Харвард“ открија дека пишувањето и водењето евиденција за своите емоции го намалува стресот. Многу е едноставно – вклучете ја штоперицата и пишувајте десет минути без престан. Ќе се изненадите што ќе има на хартијата пред вас, а потоа и од чувството на задоволство што ќе ве обземе.

Свирење на инструменти
Дали имате навика да слушате музика кога сте напнати? Дали тоа ве релаксира? Свирењето на некој инструмент го буди истото чувство. А доколку знаете да свирите, тогаш имате многу среќа. Тоа ви овозможува да се изразите, а звукот што го произведувате предизвикува различни емоционални состојби. Студијата објавена во списанието „Федерал практишинер“ покажа дека учењето да се свири инструмент обезбедува емоционално ослободување и дека постојат докази дека свирењето на инструмент предизвикува промени во мозокот што позитивно влијаат на когнитивното функционирање и го намалуваат стресот.

Плетење
Плетењето е исто така едно од хобијата што има медитативен ефект. Студијата објавена во Британскиот весник за професионална терапија покажала дека редовното плетење може позитивно да влијае на менталното здравје.