фото: Пикселс

Хаику-поезија, кинематографија, јапонска музика, презентација на боречки вештини, гејминг-натпревари, косплеј за најдобар костим, работилница за роботика, гастрономија, трибини, презентација на церемонија за чај се само дел од програмата што ќе може да се види на претстојниот фестивал посветен на јапонската култура „Нихон Џи“, кој ќе се одржи на 28 мај.
Настанот е во организација на Јапан.нет.мк, односно на Билјана Кочоска, Ирма Башеска Ристовска, Стефан Ристовски, Марко Николов и Тања Блажевска, ентузијасти и одлични познавачи и љубители на јапонската култура.

– Сите што сме вклучени во фестивалот, почнувајки од нас организаторите како и волонтерите, па до учесниците што ќе се претставуваат, на различни начини и по различен пат сме дошле во допир со дел од јапонската култура, во одреден дел од нашиот живот. Истото придонесува за понатамошно раѓање на посебен тип љубов кон она што на нас ни претставува како прво предизвик, а понатаму и желба за подлабоко откривање на таа богата и разновидна култура. Многу луѓе често се во допир со истата, без да бидат свесни за тоа. Ние, како организатори се имаме запознавано по настани и сме организирале настани од помал карактер посебно, а и заедно. Идејата сама по себе дојде пред доста подолг период. Нафрлени беа идеи кои опишуваат различни сфери од јапонската култура, за понатаму да се добие една целина која поради целата ситуација со коронавирусот се пролонгира. Изгубивме секаква надеж дека ќе ги оствариме идеите, сè додека не се собравме повторно во март и решивме дека ова треба да биде настан што ќе ги воодушеви не само љубителите на јапонската култура, туку и оние што ќе се запознаваат или би сакале да се запознаат со истата. Што на кратко значи дека љубовта кон јапонската култура нѐ зближи и придонесе кон остварување на ова во целост – вели Тања Блажевска.

Церемонија на чај, којашто неодамна се одржа во „Буква“

На Македонија ѝ се потребни контакти со светот, а со овој настан скопјани ќе бидат во контакт со некои од најдалечните култури, велат организаторите.
– Токму на овој начин се прави демистификација на различни култури и се градат мостови со другите држави околу нас. Преку презентирање на јапонска уметност, филм, навики и интерпретација на јапонскиот стил на живеење и културолошки симболи низ очите на македонски уметници, ние сакаме да претставиме култура на начин на кој секој посетител би можел да ја разбере – вели Кирил Стоилков.
Во време кога целиот свет е свртен кон западните вредности, кои пропагираат сосема поинакви вредности од оние на Истокот, овие млади ентузијасти се залагаат за вистинските вредности, нешто што е главно обележје на Јапонија.
– Западот е нападен гласен и површен. Особено кога мислиме на „новиот свет“, кој, нели, произлегол од Истокот. Интересното со Јапонија е тоа што традиционалните суштински концепти што ги има оваа стара цивилизација се непоместиви, се одржуваат и негуваат, а сепак како култура се флексибилни да ги примат новите текови на живеењето како никој друг. Интересно е што и таа култура има влијанија од Запад, но влијанијата ги трансформира преку својот светоглед и филозофија во нешто единствено. Таа единственост и уникатност е она што нѐ привлекува, зашто суштината не е изгубена, и пораките кои таа култура ги испраќа се секогаш истите: труди се, живеј во моментот, грижи се за другите и знај го твојот удел во општеството, секогаш стреми се кон подобро, но биди свесен дека постои убавина во несовршеното…- објаснува Билјана Кочоска.
Меѓутоа, Јапонија не е земја само што ги пропагира традиционалните вредности. Таа, истовремено, е и земја на иднината. Познат е фактот дека Јапонците секогаш се трудат да најдат баланс меѓу својот и јавниот ред и мир и дека секогаш се однесуваат со почит кон другиот.
– Од Јапонија можеме да учиме за дисциплината и социјална свест, пред сè. Успехот на еден е успех на сите, и обратно.
Сметаме дека на тој начин Јапонија успева да води константен раст и развој на културен, општествен и економски план. Интересно е што овој сет на вредности може да се забележи дури и кај деца во основно одделение. Поточно начинот на којшто учениците уште од рана возраст се учат да го чуваат и одржуваат училишниот простор. Навидум се чини како многу елементарна идеја, но вакви едноставни чекори се клучниот елемент и тајна на успехот на Јапонија како држава – вели Марко Николов.

Монкири работилница

Фестивалот е наречен „Нихон Џи“. „Нихон“, односно „Нипон“ е јапонското име за самата земја.
– Наставката „џи“ обично се додава на крајот на имињата на јапонските храмови, како Зозо-Џи, Сенсо-Џи, Меи-Џи, итн. Во нашава конкретна игра со зборови, Нихон-Џи претставува храм на јапонската култура во Македонија. Инаку, ова име произлезе од првичната идеја Nihon-gi (каде gi и ji се изговараат исто – џи), што е име на книга јапонски хроники. Но знаејќи го значењето на ji, се одлучивме за оваа варијанта затоа што идејата на фестивалот е да биде токму тоа – храм на јапонската култура каде секој вљубеник во јапонската уметност, традиција, музика, кинематографија, природа, поезија, литература, поп-култура и храна, ќе може да се собере на едно место – вели Ирма Башеска – Ристовска.
Субкултурните случување во Македонија често знаат да бидат ставени на маргините, а причина за тоа се немањето интерес за нешто ново, немањето простор, или пак немањето иницијатива или финансии.
– Кога зборуваме за простор во Македонија, не зборуваме само за физички простор, туку и за можности истите да се реализираат. Субкултурните настани се делумно загушени, оние за кои постоела иницијатива. Публика за вакви настани има секогаш. Она што недостасува, освен физички локации каде би се одвивале, е токму иницијатива. Таа е ретка. А кога подолго време не се случуваат настани од овој тип, интересот природно замира и кај публиката. Тоа е како некаков пламен што постојано треба да се одржува.
Но иницијативата е честопати тесно поврзана со финансиите. Верувам дека постојат многу луѓе со големи идеи и желби да започнат нешто и да организираат некаков настан, да оформат некаква заедница поврзана со нивен интерес, но за кои финансиите претставуваат пречка. И лесно е да се изгуби мотивацијата во тој случај. Но ние сме пример за тоа како некои нешта можат да се реализираат и кога ќе се започнат без никаков капитал. Добрата идеја ќе најде начин да дојде до правите луѓе кои ќе се одлучат да ја потпомогнат на некаков начин, па дури и да не станува збор за голема сума. Така што, дефинитивно, недостасува иницијатива – вели Стефан Ристовски.
Програмата на фестивалот е пребогата, а ќе се одвива во само еден ден.
– Координацијата на голем број учесници секогаш си носи свои предизвици. Најслична споредба би било е со една подолга партија Тетрис. Имаме толку многу елементи што пристигнуваат во различно време и по различен редослед, но со добра стратегија и координација сите елементи можат да се склопат. Компарации на страна, секако дека е голем предизвик. Пресреќни сме што имаме толку моќен и флексибилен тим на учесници. Дефинитивно се клучниот елемент во организацијата – вели Марко Николов.
Фестивалот за официјално отворен ќе го прогласи амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори.