Инспирирана од филмот „Сенки“ на режисерот Милчо Манчевски, креативката и модна стилистка Надица Бицева-Димитровски од Битола ја создаде новата колекција на накит, со наслов „Коски“. Таа создава парчиња накит дизајнирани под нејзиниот бренд „Ателје креација“, спој на уметничкото творештво и културата.
– Колекцијата „Коски“ е визуелно олицетворение на кревкоста наспроти цврстината. Во модата поимите рибина коска и слонова коска не се непознати, во мојот дизајн ги употребив и ги претставив во авангардна форма – вели Бицева-Димитровски.
Сите производи се изработени од репроматеријали и помошна галантерија со висок квалитет и европски стандард.
– Целата колекција „Коски“ во основа е изработена од полимерна глина. Акрилни бои, кожа, фолија, циркони го дополнуваат дизајнот. Како и сите претходни, така и оваа колекција е наменета за зрели жени што имаат изграден стил и сакаат да го дополнат со впечатливо парче накит – вели таа.