Хит албумот „30“ на Адел и синглот на Д Викенд „Save Your Tears“ беа најпродаваните во светот во 2021 година, според Меѓународната федерација на фонографската индустрија (ИФПИ).
– Долгоочекуваниот четврти албум на Адел е продаден во повеќе од пет милиони примероци за само два месеца. Беше најпродавана плоча на винил и ЦД – соопшти ИФПИ.
Во меѓувреме, ретропоп-баладата на Д Викенд се најде на врвот на топ листите во 18 земји и беше емитувана 2,15 милијарди пати, пренесува „Би-би-си“.
Ова беше втора година по ред како канадската ѕвезда ја има најпопуларната песна на светот. Минатогодишниот врв на листата го освои песната „Blinding Lights“, која вторпат влезе во топ 10 во 2021 година.
Канада, исто така, го зазеде второто место на листата на најпродавани синглови на ИФПИ, благодарение на соработката на Џастин Бибер со австралискиот пејач и текстописец Д Кид Ларои. Нивната песна „Stay“ заедно со хитот на Д Викенд беше единствената на листата што надмина две милијарди емитувања во 2021 година.
Дуа Липа беше блиску со хитот „Levitating“, кој беше преслушан 1,88 милијарда пати низ светот и го зазеде третото место.
Годишниот список на ИФПИ обединува преземања, емитувања и физички набавки за да одреди кои песни биле најголемите хитови на планетата.
Методологијата има тенденција да ги фаворизира албумите и песните од почетокот на годината, бидејќи тие имаат повеќе време да собираат критики и да се продаваат – и не е изненадување што сите 10 најдобри синглови беа објавени пред јуни 2021 година.
Албумот на Адел го побива тој тренд бидејќи ја победи конкуренцијата само шест недели по неговото објавување, што е јасна илустрација за моќта на ѕвездата, која објави нова музика по шестгодишна пауза.