Психологијата и интуицијата

Интуицијата често се истакнува како клучна ставка во донесувањето животни одлуки. Но дали секогаш треба да се следи инстинктот или работите се многу покомплицирани? Запрашан за изворот на неговата генијалност, познатиот физичар Алберт Ајнштајн не се сомневал.
– Верувам во интуиција и инспирација. Понекогаш едноставно чувствувам дека сум во право, но не знам со сигурност дали навистина сум. Многу е подобро да им се верува на тие инстинкти, а потоа да се тестираат, отколку веднаш да се отфрлат – изјавил тој за „Ивнинг пост“ во 1929 година.
Ајнштајн не бил осамен во верувањето во таа филозофија, бидејќи тоа било голем дел и од стратегијата на Коко Шанел.
– Модата е во воздухот, ја носи ветрот. Може само да се почувствува – велеше таа.
Во последните две децении, психолозите и невролозите постигнаа огромен напредок во препознавањето на изворот на нашиот инстинкт и неговата клучна улога во нашиот живот. Нивното истражување откри конкретни ситуации во кои нашата интуиција најверојатно ќе нѐ одведе на вистинскиот пат и ситуации кога ќе нѐ одведе на погрешен пат – тоа знаење може да ни помогне да донесеме подобри одлуки.

Умот во телото

Научното сфаќање на интуицијата започнува со лабораториска игра, позната како „Задача за коцкање“, во Ајова.Учесниците добиваат четири шпила карти на компјутерски екран. Секогаш кога ќе ја отворат картата добиваат награда или казна. Два шпила обично даваат релативно високи награди, но уште поголеми казни – што значи дека, по многу рунди, тие неизбежно ќе доведат до загуба. Другите два шпила обезбедуваат релативно мали награди, но уште помалку казни, што значи дека тие се побезбедна опција.
На учесниците не им се кажува кои шпилови се поисплатливи, но по 40 обиди, голем број луѓе почнуваат да развиваат претчувство што ќе доведе до поголема добивка. Потсвеста на учесниците, се чини, почнува да ги забележува моделите на загуби и добивки, дури и ако не можат да ги објаснат причините зошто ги носат тие одлуки, само за да имаат „инстинктивно чувство“.
Уште поважно, подобрувањето на перформансите често следува по систематски психолошки промени додека учесниците донесуваат одлуки. На пример, кога ќе почнат да се приближуваат до поризични шпилови, повеќето луѓе покажуваат реакција на стрес, како што се мали промени во отчукувањата на срцето и потење на кожата.
Овие промени, познати како „соматски маркери“, најверојатно дејствуваат како предупредување за да се спречи учесникот да донесе погрешна одлука и би можеле да послужат како основа за формирање чувство на инстинкт.
Без ваква интуиција, луѓето би можеле да се соочат со сериозни проблеми во животот.
Винод Винсент, вонреден професор на државниот универзитет „Клејтон“ во Џорџија, САД, дошол до слични резултати кога ги проучувал одлуките за вработување на работодавците. Тој на учесниците им дал примероци од одговори од широк спектар на кандидати што аплицирале за работа во здравството и побарал од нив да го изберат најдобриот. Како и во експериментот на Дејн, од некои било побарано да се потпрат на инстинктот, а од другите да користат расудување, логика и анализа.
Редовните студенти што немале искуство во регрутирање нови луѓе можеле да одредат кои кандидати најмногу се истакнуваат – но морале да применат свесно оценување, мерејќи ги добрите и лошите страни на секој избор. Кога се обидувале да користат интуиција, обично биле помалку точни. Ова не било случај со експертите што работеле како регрутери во компании за давање здравствени услуги.
Винсент откри дека имале многу точни инстинкти што најмногу би им одговарале на кандидатите, без потреба да размислуваат, чекор по чекор, поминувајќи низ секакви различни критериуми. И колку повеќе искуство имаа, толку беа подобри.

Важноста на емоционалната интелигенција

Според најновите истражувања, квалитетот на нечиј инстинкт би можел да зависи од неговата севкупна емоционална интелигенција. Со учење можеме да ја зголемиме нашата емоционална интелигенција, со што ќе го подобриме нашето интуитивно одлучување.
Психолозите ја проценуваат емоционалната интелигенција користејќи серија прашања што ја мерат, на пример, способноста на луѓето да ги идентификуваат емоциите изразени на лицата на другите и нивната способност да предвидат промени во нечие расположение, земајќи ги предвид околностите.
Џереми Џип, вонреден професор по менаџмент на универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон, неодамна ги спореди резултатите од емоционалната интелигенција на луѓето со нивните перформанси во потрагата по коцкање во Ајова. Иако повеќето учесници изразија зголемена реакција на стрес кога размислуваа за избор на „лоши“ шпилови, луѓето со пониска емоционална интелигенција постојано погрешно ги толкуваа сопствените телесни сигнали.
За овие учесници со пониска емоционална интелигенција, повисок одговор на стрес се чинело дека дејствува како поттик да изберат ризични и, на крајот, непрофитабилни карти.
Тие едноставно не го препознавале тоа чувство како предупредување.
– Тие можеби погрешно ја протолкуваа сопствената физиолошка анксиозност како возбуда, па почнаа да преземаат повеќе ризици – вели Џип.
Ана Алкозеи од Универзитетот во Аризона, Тусон, САД, неодамна дизајнира онлајн курс со модули што ги поттикнуваат студентите да размислуваат повнимателно за начините на кои може да се доживеат различните емоции и начините на кои чувствата како физиолошката анксиозност може да влијаат на донесувањето одлуки.