Се проценува дека денес има помалку од 58.000 коали, додека во 2018 година
имало повеќе од 80.000

Австралија неодамна коалите што живеат по должината на голем дел од источниот брег на оваа земја ги додаде на листата на загрозени видови, откако нивните живеалишта беа погодени од долга суша, шумски пожари и сеча на дрвја.
Научниците предупредуваат дека легендарниот австралиски цицач би можел да исчезне доколку Владата не интервенира веднаш за да ги заштити нив и нивното живеалиште, пренесуваат светските агенции.
Ставањето на списокот на загрозени видови треба да ги истакне проблемите што доведуваат до намалување на бројот на коали. Заедно можеме да обезбедиме здрава иднина за коалите и оваа одлука ќе игра клучна улога во тој процес – изјави австралиската министерка за животна средина Сузан Леј.
Таа посочи дека коалите во државите Нов Јужен Велс, Квинсленд и на територијата на главниот град на Австралија ќе бидат означени како загрозени во однос на нивната претходна ознака како ранливи.
Австралиската фондација за коали соопшти дека Австралија изгубила околу 30 отсто од своите коали во последните три години. Се проценува дека сега има помалку од 58.000, додека во 2018 година имало повеќе од 80.000. Најголем пад на бројот на коали е регистриран во Нов Јужен Велс, каде што сега се помалку за 41 процент. Студијата на Светскиот фонд за природата проценува дека пожарите убиле дури 5.000 од овие животни кон крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година. Студијата спроведена минатата година во Нов Јужен Велс покажа дека на коалите им се заканува исчезнување до 2050 година доколку не се преземе нешто итно. Експертите потсетуваат дека коалите за една деценија станаа ранлив загрозен вид. Имено, австралиските власти во 2012 година донесоа одлука за коалата како ранлив вид. Експертите сметаат дека е добар потегот на властите да ги прогласат овие животни за загрозен вид, но дека нема многу да значи доколку не е проследен со силни закони во областа на заштитата на природата.
Коалата е австралиски тревопасен торбар и ги населува источните и јужните области на оваа држава. Живее претежно на дрвја од еукалиптус и се смета за исклучително чувствително животно. На драстичниот пад на бројот на коали влијаел и масовниот лов во текот на 19 век, кога се тргувало со крзното на ова животно. Живеалиштата на коалите исто така се намалија поради уништувањето на шумите за земјоделството, урбаниот развој, рударството и шумарството. Научниците истакнуваат дека климатските промени исто така ќе го намалат бројот на коали, поради зголемениот број пожари и суши, кои директно влијаат на живеалиштето на овие торбари и им го загрозуваат животот.