„Го сакам Кавадарци“ е илустрирана публикација на 110 страници, во која се содржани податоци за минатото на овој град, но и за идните планови на Општината. Нашата желба е младите луѓе да останат во својот роден град и тука да основаат семејство, бидејќи во нивни раце е и иднината на Кавадарци, вели авторот Димитар Мурџев

Иницијатива за почит на локалната самоуправа

Од први септември 2020 година, па сѐ досега, 692 млади кавадарчани на својот 18-ти роденден беа посетени од претставници од Општина Кавадарци и како роденденска честитка добија книга со наслов „Го сакам Кавадарци“ заедно со скромни подароци. На овој начин, Општината се грижи за идните генерации и сака да им помогне на младите да ја изберат својата професија и како успешни и одговорни граѓани да останат да живеат и да придонесуваат во развојот на својот роден град, наместо својата егзистенција да ја бараат во странство.
Гест за почит, бидејќи навистина е пријатно некој непознат да ве посети дома на денот кога го славите својот 18-ти роденден и да ви подари книга. Уште поубаво ако книгата е посветена на родниот град или градот во кој живеете, со што ќе ви покаже дека некој мисли на вас и очекува во иднина да бидете дел од таа заедница.
„Го сакам Кавадарци“ е илустрирана публикација на 110 страници со тврди корици, во која се содржани податоци за минатото на овој град, но и идните планови на Општината. Автор на книгата е Димитар Мурџев, а во нејзината изработка учествуваше и поширок тим на соработници. За историските факти е користена литература од Петре Камчевски и од д-р Милан Петров и голем број фотографии од Бранко Ивановски, Петре Камчевски,Тони Коцев, Ристе Стамаџиев, Димитар Мурџев, Александар Ѓорѓиев и Ѓорѓи Голчев.
Идејата за проектот „Го сакам Кавадарци“ е на градоначалникот Митко Јанчев.

– Со создавањето на оваа книга се обидовме на еден поинаков начин да им го прикажеме Кавадарци на оние што сега стапнуваат во полнолетството, а немаат подетални информации од историјата и идејата како ќе се развива Кавадарци во наредниот период. Исто така, на овој начин им помагаме на младите да се запознаат со можеби за нив непознати факти за градот. Еве еден од нив, градот е граден со шест самопридонеси во кои кавадарчани издвојувале средства за исклучително важни објекти. Запознавањето со стопанските и општествените дејности е во насока на можни идни нивни вработувања или во овој момент како помош да ги изберат својата професија и универзитетот на кој ќе го продолжат своето образование. Нашата желба е младите луѓе да останат во својот роден град и тука да основаат семејство, бидејќи во нивни раце е и иднината на Кавадарци – вели авторот Димитар Мурџев.
Во книгата, во која Кавадарци е опишано со стиховите: „Таму негде под сино јужно небо Кај што сонцето пушта златен сјај Среде ридови голи и винови лози/Се шири, расте, цвета еден град Кавадарци“, има обраќање до секој што ќе го држи во рака ова дело:
„Драг читателу, прелистувајќи ги страниците на оваа книга, ќе го запознаеш твоето Кавадарци, од неговото постоење, па сѐ до денес. Книгата содржи кратки важни информации за твојот град. Ќе те вратиме назад во минатото, многу одамна, во животот на твоите предци, ќе те запознаеме со неговите корени, растежот, развојот и системот на функционирање. Ќе погледнеш како изгледале улиците по кои чекориш сега и ќе ја воочиш големата разлика на убавото Кавадарци, кое низ времето го менува својот лик, но го задржува духот на југот, гостопримливоста и топлината.
Низ збор и слики ќе го осознаеш твојот град Кавадарци, кој подеднакво ја почитува традицијата, ја живее сегашноста и ја планира иднината.

Ова е твојот роден град во кој ќе посакаш секогаш да се вратиш. Но Кавадарци ти нуди голем број на можности кои ќе те предизвикаат своето знаење, искуство и градење на семејството да ги направиш токму овде, во твоето Кавадарци.
’Го сакам Кавадарци‘ нека ти биде книга што ќе ја носиш секогаш со тебе. Нека те потсетува на малото внимание од Општината за твојот најдраг роденден. Нека те потсетува на детството и твоето чекорење кон светот на возрасните. Нека те потсетува на градот што те сака, твоето родно Кавадарци“, се вели во книгата „Го сакам Кавадарци“.