Кинеската сонда „Тианвен-1“ е на Марс нешто повеќе од една година и за тоа време успеа да ја фотографира целата Црвена Планета. Мисијата „Тианвен-1“ беше лансирана во 2020 година, а слетувањето на Марс беше извршено во мај 2021 година. Потоа, роверот „Журонг“ ја започна својата мисија да патролира на Марс и да ја истражува оваа планета додека орбитерот продолжи да кружи околу планетата. Кинеската национална вселенска агенција ЦНСА соопшти дека сондата сега ги завршила сите свои задачи, вклучувајќи и фотографии со средна резолуција што ја „покриваат“ целата планета.

ЦНСА објави фотографии на социјалните мрежи, а тие го откриваат изгледот на теренот на Марс, црвени песочни дини, вулкани, кратери, ледена покривка на Јужниот Пол, карпи и гребени на кањонот Валес Маринерис, еден од најголемите кањони во нашиот Сончев Систем. Фотографиите се направени од сондата што орбитирала околу Марс приближно 1.344 пати и снимила фотографии од планетата од секој агол, додека роверот ја истражувал површината.

Роверот со шест тркала е опремен со научни инструменти, а на својот пат собирал информации за геолошката структура на Марс, атмосферата, животната средина и почвата. Сондата собрала 1.040 гигабајти научни податоци, кои ги анализираат научниците на Земјата.
ЦНСА ги сподели своите податоци со американската вселенска агенција НАСА и Европската вселенска агенција, а овие податоци ќе бидат достапни и за меѓународните научници.

Поради падот на температурата во текот на зимата на Марс, како и песокот и прашината, роверот на 18 мај влезе во фаза на „спиење“ за да ја преживее суровата сезона пред да се разбуди во декември. Потоа во неговата област ќе биде пролет, која ќе донесе подобри временски услови. Орбитерот ќе продолжи да спроведува тестирања и да се подготвува за идните задачи.
Пред Кина, само САД и поранешниот Советски Сојуз спуштија вселенски летала на површината на Црвената Планета. Меѓутоа, Индија, ЕСА и Обединетите Арапски Емирати испратија вселенско летало чија дестинација е орбитата на планетата.