Титулата мис на светот за 2022 година ја понесе Каролина Биелавска од Полска. Веста ја потврдија и организаторите на натпреварот на својот официјален налог на Твитер. Шри Саини од САД, која е со индиско потекло, е прва придружничка, а Оливија Џејс од Брегот на Слоновата Коска е втора придружничка.
Каролина ја доби круната од ланската победничка, Тони Ен Синг од Јамајка. Како што изјавија организаторите, таа е на мастер-студии на Факултетот за менаџмент и се надева дека ќе докторира. Паралелно со студирањето се занимава со манекенство, но и со спорт. Сака да плива, а игра и тенис и бадминтон.
Убавата Полјачка ја претставила пред присутните својата добротворна организација што им помага на бездомниците, ја издига свеста на јавноста за нивните проблеми, им обезбедува храна, облека, маски за заштита од корнавирусот, правна помош и лекарски услуги речиси на 300 луѓе во градот Лоѓ, каде што живее.
– Многу луѓе немаа можност да се вакцинираат против коронавирусот, но нашиот проект, во соработка со Владата, им овозможи вакцина на 400 лица. Обезбедивме и јавна бања за бездомниците во Лоѓ – изјавила новата мис на светот.