Фото: Приватна архива

Кога стигнал во Норвешка, Виктор немал големи очекувања, а денес, покрај концертите, работи како професор по класична гитара, а држи и приватни часови по свирење

Купил карта во еден правец и заминал во Норвешка. Виктор Пешчеров свири на гитара и пред Норвежани ја претставува македонската култура и песна.
Тој одржува концерти на кои ги презентира македонската музика и ора, на кои жителите на Норвешка не остануваат рамнодушни.

– Приказната со Норвешка започна уште кога бев студент во Скопје. Имам чичко што живее во Норвешка и постојано ме викаше да дојдам кај него. Во текот на студиите во Скопје контактирав професор по класична гитара од Факултетот за музичка уметност во Осло. Господинот ми побара да му пратам цеде од мои изведби пред да можам да го посетам, и така после неколку недели добив покана за посета на факултетот. Посетата помина добро, имавме неколку часа, професорот беше задоволен и ми понуди да продолжам со студии таму преку Еразмус програма. Програмата е добра, но иако е подржана од Министерството за образование, сепак трошоците беа енормно големи и јас одучив студиите да ги завршам таму каде што ги започнав, во ФМУ во Скопје, во класата на професорот Дарко Багески. Решив среќата во Норешка да си ја пробам после дипломирањето – раскажува Пешчеров.

Фото: Приватна архива

Тој свири гитара од својата седма година. Научил да свири од неговиот татко. Додека бил во средно училиште и за време на студиите има освоено бројни интернационални награди на натпревари, а бил активен и со солистички концерти низ Македонија.
Норвежани го знаат под уметничкото име Виктор де Рут. Пред две години тој почнал проект со свои аранжмани на македонски песни за соло гитара, со кои што концертира.

– Идејата започна како проект што беше подржан од нашето Министерство за култура со цел да се претстави македонската музика пред норвешката публика, но после позитивните реакции од публиката одлучив да продолжам да ја промовирам македонската музика и пошироко во Норвешка. Првиот концерт го свирев соло, со луп-педала во стилот на Влатко Стефановски, а вториот беше дуо со мојот поранешен професор од средното музичко во Штип, Дејан Лазаревски. Најголем впечаток од концертите остави нашиот ритам што за нив беше непознат, 7/8 и 11/8. Беше интересно да се види како пробуваат да тактираат со нас – раскажува Виктор.

Балканците направија барем за миг да се почувствувам како да свирам во Македонија

Пајдушкото оро и „Јовка кумановка“ се само мал дел од репертоатор на Виктор и Дејан, односно од дуото што се вика „Балкан гитар дуо“. Покрај Норвежаните, на нивните концерти често знаат да дојдат и луѓе по потекло од Балканот.

– Еднаш среде свирка ми дојде еден Босанец да ми порача песна од Дино Мерлин. Му ја исполнив желбата, почнав да пеам и реакцијата од гостите што беа Балканци направија за момент да се почувствувам како да свирам во Македонија – низ смеа зборува Виктор.

Фото: Приватна архива

Виктор веќе го имаат побарано за повеќе концерти низ Норвешка.

– После отсвирените концерти запознав доста луѓе, и Балканци и Норвежани. Во Норвешка живеат доста Балканци и на сите им е драго да слушаат музика од нивните краеви. Добив неколку покани за концерти со македонска музика во подалечни места во Норвешка, како Берген и Ставангер. Датумите ќе се финализираат наскоро и верувам дека ова е само почеток на промовирање на македонската музика тука – вели Пешчеров.

Кога стигнал во Норвешка, Виктор немал големи очекувања, а денес, покрај концертите, работи како професор по класична гитара, а држи и приватни часови по свирење.

– Немав некои големи очекувања, повеќе имаше возбуда за нешто ново што следува. Успеав да договорам работа уште пред да појдам, работата не ми беше по струката, но сепак побитно ми беше да се остамостојам, да го научам јазикот, и да запознаам колку што можам повеќе од новата средина. Сега работам како професор по класична гитара во државно школо кај што живеам, работна позиција за која одлучив да не сум со полно работно време за да можам во меѓувреме да се посветам на настапите и на приватните часови. За приватни часови се јавуваат најчесто деца што се заинтересирани и за друга музика освен класичната, а често знае да дојде некој и повозрасен од мене на час, па си персираме меѓусебно – раскажува Пешчеров.

Фото: Приватна архива

Му недостасува семејството, му пречи неспонтаноста на Норвежаните

Од Норвешка е воодушевен од општествениот систем, но и од луѓето. Меѓутоа, малку му смета немањето спонтаност.

– Единството, системот, начинот на којшто се почитуваат и себе и средината е она што најмногу ме освојува. Природата и начинот на кој се грижат за неа. Постојано се во природа, шетање, кампирање и посетување на нови места. Норвешка е голема и постојано има нешто ново да се види. Она што ми смета, пак, е немањето спонтаност. Шансата да договориш средба со пријател за кафе истиот ден е многу ретка, сѐ е со договарање однапред, времето си го распоредуваат и не сакаат многу промени. Времето во текот на зимата е тешко, темно, ладно и депресивно. И дење и ноќе речиси нема сонце. Летото, пак, нема ноќ воопшто, 20 часа сонце и пријатно време – вели Виктор.

Сепак, вели дека му е убаво таму и покрај тоа што му недостигаат семејстовто и пријателите, засега не планира да се врати.

– Ми недостигаат семејството и убаво поминатите моменти во Македонија, друго и не многу, се навикнав на начинот на живот тука и добро ми е. Се враќам често на некое време да ги видам моите и другарите, но за живеење повторно во Македонија не размислувам. Можеби во иднина, никогаш не знаеме патот кај ќе нѐ однесе – вели Виктор.